Пратениците од ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците го критикуваат Гаши дека го прекршува Деловникот, додека претседателот на Собранието им одговори дека нема да дозволи со процедурални забелешки да ја блокираат седницата.
Жесток почеток на собраниската седница на која прва точка е законот за Скопје европска престолнина на културата. Опозициските партии од албанскиот блок со процедурални забелешки не дозволуваат да почне седницата по што претседателот на Собранието Африм Гаши свика вонредна координација со шефовите на пратеничките групи.Пратениците од ДУИ, Албанска лига и Алијанса за Албанците го критикуваат Гаши дека го прекршува Деловникот, додека претседателот на Собранието им одговори дека нема да дозволи со процедурални забелешки да ја блокираат седницата. Паднаа и навреди и закани, во пленарната сала расправата се одвиваше на висок тон, но и со дофрлувања меѓу пратениците.
– Закажавте три седници и повторно не го почитувавте Деловникот. Првата седница ја закажавте на 27 јули поладне, истиот ден закажавте втора седница и вчера закажавте трета седница. Го повредувате членот 74 став 1, односно дека материјалите до пратениците се доставуваат најмалку 10 работни дена пред седницата. Знам дека ќе се повикате на правото да свикате итна седница, но и таа ја закажавте без никакво образложение за итноста. Каква е итноста три седници да закажете во еден ден. Дали има криза, елементарна непогода, безбедносна криза за да закажете седници. Со материјалите не добивме образложение за итноста- рече Сали Мурати од Европскиот фронт.
Претседателот на Собранието Гаши рече дека ќе даде мал коментар, иако мисли дека нема потреба и се повика на членот од Деловникот кој му овозможува да свика итна седница.
Илире Даути од Албанската лига рече дека Гаши го прекршил Уставот и Деловникот иако тој е главниот кој треба да го сприведува. Таа му забележа на Гаши дека материјалите кои ги добиле на албански јазик немаат потпис на претседателот, ниту архивски број.
— Документот сте го потпишале само на македонски јазик. Вие сте се прегазиле себеси, материјалите се преведени на албански јазик и сте ни ги доставиле без потпис и без архивски број – рече Даути.
Гаши образложи дека токму поради ургентноста на седницата не стасал да ги потпише материјалите и на албански јазик.
Координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари рече дека нема логика во објаснувањето на Гаши.
— Не знам дали сами себе се слушате што зборувате. Многу сте нелогичен. Каде е ургентноста за закажувањето на седницата? Ние не ја добивме, ова е непочитување на Деловникот. Ви испративме и допис со кој бараме да сте повнимателен како раководите со институцијата. Почитувањето на деловникот не е прашање на политичка волја, туку почитување на Уставот – рече Ајдари.
Гаши се изнервира и ѝ рече на Ајдари да внимава како му се обраќа.
-Ве замолувам кога ќе ми се обратите мене и на пленумот внимавајте со речникот, не може да ми кажете дали се слушам самиот себеси. Образложението го кажав на почеток на седницата и нема да дозволам да се злоупотреби правото на процедурални обраќања. Ако вторпат барате за иста забелешка ќе го одземам зборот и ќе продолжам со седницата – рече Гаши.
Даути му забележа на собранискиот спикер дека првата точка е во спротивност со законот за употреба на јазиците, на што од место реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
— Ако вие Никола имате нешто, излезете на говорница. Гаши и Никола, бидете внимателни како се однесувате со албанскиот јазик, има поколенија кои дале жртва за албанскиот јазик. Гаши, нема да ви простиме дека на ваков начин ги доставувате законите без архивски број и без ваш потпис. Повлечи го законот, само така можеш да се спасиш – рече Даути.
Гаши ѝ реплицираше дека нема да дозволи така да му се обраќаат.
Халил Снопче го праша Гаши дали живееме во автократија или во демократија.
— Не може да кажете дека нема да дозволите процедурални. Претседателот е должен да ја образложи итноста за свикување на седницата. Какво образложение дадовте? Ако сакате да узурпирате, узурпирајте. Срам за вас е вака што правите – рече Снопче.
Претседателот на Собранието му одговори дека не очекувал од Снопче така да му се обраќа.
– Јас сакав да ви го сочувам авторитетот, но од вас зависи – рече Гаши.
Аднан Азизи од владејачката Вреди рече дека опозицијата намерно прави циркус за да го блокира законот за Скопје.
-Секој ден овде се прави циркус и опозицијата нема аргументи нема што да зборува и создава кауза за блокирање на Собранието, бидејќи немате образ да излезете пред граѓаните за проектите кои не сте ги реализирале. За албанскиот јазик вие само правите шоу пред камерите, за рилс и постирања. Колку сте го заштитиле јазикот ? Сè правите само за пред камери оти кога бевте власт не го имплементиравте албанскиот јазик во институциите. Најзначано е дека давате негативен имиџ кон граѓаните. Сега сте блокатори, главна кауза ви е блокада на сединицата – рече Азизи.
За да се смири тензијата во Собранието Гаши ги свика кординаторите на вонредна координација.






