Големиот раст на вредноста на јавните набавки во здравство го следат сè помал број понудувачи на тендерите. Речиси половина од вредноста на договорите се склучуваат низ тендерски постапки во кои имало по само еден понудувач.
Отсуството на конкуренција има потенцијал да го концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и да доведе до зголемени цени, намален квалитет на здравствените услуги за пациентите и намалена разновидност на лекови, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации за корупциските ризици во јавните набавки во здравствениот сектор.
Според информациите, во 2020 година во здравствениот сектор се реализирале 2.342 тендери со една понуда, додека четири години подоцна, поточно во 2024 година таа бројка се зголемила на 3.374 тендери што остава простор за голем ризик од корупција и директни последици врз пациентите.
„На годишно ниво, над 160 милиони евра се доделуваат без конкуренција. Тоа е доволно голема сума да влијае врз целиот пазар на здравствени набавки и да го концентрира богатството и моќта кај мал број фирми. Ваквата концентрација отвора простор за „олигархизација“ на јавните набавки и за „заробување“ на институциите од страна на групи од интерес.
Намалената конкуренција и високата концентрација носат не само ризик од корупција, туку и директни последици за пациентите:
• поголеми цени на лековите и материјалите,
• намалена разновидност и достапност на производите,
• потенцијално послаб квалитет на услугите и
• забавена иновација, бидејќи компаниите немаат стимул за подобрување кога конкуренцијата е мала.
Трендот на раст на набавките со само еден понудувач е еден од најсилните индикатори за зголемен корупциски ризик во здравството. Наместо тендерите да обезбедуваат најповолна цена и квалитет преку натпревар на повеќе понудувачи, тие се претвораат во механизам за пренос на јавни средства кон ограничен круг економски актери. Ова не само што го нарушува интегритетот на системот, туку ја загрозува и довербата на граѓаните во здравствените институции.








