Демократскиот социјалист Зоран Мамдани, е избран за нов градоначалник на Њујорк.
На денешната насловна страница на весникот New York Post стои:
„Социјалистот Мамдани победи на изборите за градоначалник. Црвено Јаболко.“
Во позадина на насловната фотографија, Мамдани е прикажан со срп и чекан во рацете, а над њујоршките облакодери се издигаат три црвени ѕвезди.
„По кампања во која ветуваше високи даноци, бесплатни услуги и антипатија кон Израел, социјалистот Зоран Мамдани синоќа убедливо победи и ќе стане 111-ти градоначалник на Њујорк“, пишува „New York Post“.
Весник познат по конзервативен стил
Основан во 1801 година, „New York Post“ е еден од најстарите американски дневни весници, денес познат како таблоид со сензационалистички пристап.
Весникот застапува конзервативни ставови блиски до Републиканската партија и често ја критикува левицата, прогресивните движења и демократските политичари, додека позитивно известува за републиканците.
Неговиот стил е провокативен и визуелно впечатлив, со иронични наслови и силни графички симболи — како што е денешната насловница со Мамдани.
Трамп: „Мамдани не е социјалист, тој е комунист“
Американскиот претседател Доналд Трамп пред два дена, во интервју за емисијата „60 Minutes“ на CBS, изјави дека би било „тешко“ да продолжи да испраќа федерални средства во Њујорк доколку Мамдани победи.
Во разговорот со новинарката Нора О’Донел, Трамп остро реагираше кога таа го опиша Мамдани како демократски социјалист:
„Комунист, не социјалист. Тој е далеку полош од тоа,“ одговори Трамп.
На прашањето дали Мамдани е „харизматична, левичарска верзија на него самиот“, Трамп додаде во свој стил:
„Па, мислам дека јас сум многу попривлечен од него, зар не?“
Тој истакна дека ако „комунист го води Њујорк“, тешко ќе биде да се оправда трошењето на државни средства за градот.
„Ако мора да бирам меѓу лош демократ и комунист – секогаш ќе изберам лош демократ,“ изјави Трамп.
Политичката агенда на Мамдани
Новото лице на Њујорк се залага за зголемена социјална правда и јавно финансирани услуги замрзнување на кириите во регулирани станови, изградба на нови пристапни домови, бесплатен јавен превоз со автобуси и повисоки даноци за најбогатите и големите корпорации.
Во социјалните прашања Мамдани силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ заедницата, пристапна здравствена заштита и бесплатна грижа за децата.
Се залага и за поголема улога на социјални и менталноздравствени служби во одржување на јавната безбедност, наместо прекумерна зависност од полицијата.






