Министерството за внатрешни работи продолжува да повикува на информативен разговор лица од чии профили вчера се повикуваше да не се пие водата во Скопје поради присуство на бактерија, што попладнето беше демантирано од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ЈП Водовод и канализација и Министерството за здравство.
Лажните информации за наводно присуство на опасната бактерија Escherichia coli во скопскиот водовод се раширија преку социјалните мрежи и за кратко време предизвикаа страв и паника кај граѓаните. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција потенцираше дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема никаква ешерихија коли или други бактерии.






