Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека во услови на засилени безбедносни и геополитички предизвици владите мора брзо да се приспособуваат и да дејствуваат заеднички, бидејќи соработката е единствената реална опција.
Муцунски ова го истакна на меѓународната конференција Budapest Balkans Forum 2026, каде учествуваше на дебата за односите меѓу Централна Европа и Западниот Балкан заедно со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и вицепремиерот на Црна Гора, Филип Ивановиќ.
Тој нагласи дека земјата останува посветена на европските реформи и на усогласувањето со политиките на Европската унија, но очекува процесот на проширување да биде јасен, кредибилен и предвидлив.
Во обраќањето ја истакна и важноста на Коридорите 8 и 10, кои, како што рече, се значајни и од безбедносен и од економски аспект. Посочи и дека во тек е изградба на гасен интерконектор со Грција, што ќе овозможи пристап до течен природен гас од пристаништето во Александруполис.
Муцунски ја нагласи и важноста на стратешкото партнерство со Унгарија, кое отвора нови можности за инвестиции и економска соработка и претставува поддршка за европската интеграција на регионот.








