Европската перспектива на Западен Балкан повторно беше во фокусот на денешниот Совет за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, на кој учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Состанокот го предводеше високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, а централни теми беа односите со регионот, безбедносните предизвици и иднината на политиката на проширување.
Пред почетокот на седницата, Муцунски порача дека процесот на проширување претставува неопходност и за Европската Унија и за земјите кандидати. Според него, Западен Балкан мора да престане да биде „сива зона“ на Европа и да добие јасна и кредибилна перспектива за членство.
Тој нагласи дека Северна Македонија бележи конкретен напредок во спроведувањето на реформите, особено во изминатиот период, додавајќи дека земјата е целосно усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Муцунски испрати порака до земјите членки дека е потребно пристапниот процес да се ослободи од билатерални прашања, но и да се зајакне соработката во области како безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергетиката, храната и дигитализацијата.
Во рамки на Советот се разговараше и за актуелните геополитички случувања, вклучително и руската агресија врз Украина, како и последиците што тие ги имаат врз регионот.
Во своето обраќање, министерот истакна дека Северна Македонија останува сигурен и доверлив партнер на Европската Унија во справувањето со современите безбедносни предизвици, изразувајќи подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката.
Посебно внимание било посветено и на вклучувањето на земјите од регионот во иницијативите на ЕУ за зголемување на отпорноста кон надворешни закани, при што било оценето дека проширувањето претставува долгорочна инвестиција во стабилноста и безбедноста на Европа.








