домаМакедонијаМуцунски: Немаме план Б за ЕУ, но не прифаќаме решение по секоја...

Муцунски: Немаме план Б за ЕУ, но не прифаќаме решение по секоја цена

- Advertisement -spot_img

Министерот за надворешни работи ја обвини претходната власт за создавање хаос преку прифаќање непромислени обврски и убедување на Софија дека обични записници се правно обврзувачки документи.

Надминувањето на билатералниот проблем е клучниот предизвик, а државата се наоѓа во исклучително комплексна ситуација поради непромислените одлуки и прифатени работи од страна на претходната Влада, изјави во гостување на телевизија Канал 5, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Тој вели оти Владата, преку разговори со претставниците на Европската Унија бара начин да обезбеди предвидливост во процесот, со цел да се избегне повторување на истата хипотетичка ситуација во иднина.

Тој смета дека обезбедувањето на ваков заштитен механизам нема да биде лесно и нема да се случи преку ноќ, но кажа и дека државата стратешки нема алтернатива или „план Б“, оти единствениот „план А“ за Македонија останува европеизацијата и полноправно членство во ЕУ.

„Лично сум убеден дека Европската Унија во својата историја покажала дека кога постои политички импетус, кога постои желба политичка, наоѓа начин да се дојде до решение и нема некој што може да ме убеди дека тоа не е така. Ние мора да правиме сè што е потребно од наша страна, да докажуваме не само на зборови дека сме за Европската Унија“, рече Муцунски.

Иако Муцунски не смета дека целта е да се чека во недоглед, тој вели дека државата го нема луксузот да прифати решение по секоја цена и за кратко време повторно да се врати на истата дебата, бидејќи во минатото премногу пати било ветувано дека националните отстапки ќе донесат статус на лидер, поради што сега националните позиции мора да се постават на цврст темел.

Одговарајќи на критиките од опозициските партии за наводна промена на државните позиции, Муцунски ги отфрли ваквите тврдења нарекувајќи ги лицемерие и хистерија од страна на оние кои зборувале за европеизација, а блокирале закони барани од Европската Унија и смета дека билатералните протоколи потпишани со Бугарија не претставуваат правни документи, туку се исклучиво записници од средби на министрите за надворешни работи.

„Суштинскиот проблем е што Бугарија не го дели истиот став. Зошто Бугарија не го дели истиот став? Прво, бидејќи тоа веројатно ги нарушува нивните позиции, но исто така бидејќи експлицитно такво толкување им било давано од високи претставници на претходната Влада на нашата држава. Значи, тие биле тие коишто им велеле: „потпишуваме со вас правен документ којшто создава обврски“, и имаат создадено еден хаос на којшто се обидуваме да најдеме решение“, изјави Муцунски.

Како пример за неприфатливоста на бугарското толкување, Муцунски ги посочува проблемите со Историската комисија и хипотетичката обврска наметната во протоколот според која македонската држава, по барање на Бугарија, би требало да врши цензура врз медиумите.

Тој рече дека Владата не може да преземе такви правни обврски врз основа на обични министерски записници и го нема луксузот да ги прифати како дел од рамката, а иако смета дека со ваквото однесување Бугарија директно му штети на сопствениот интерес за засилени билатерални односи и напредок на регионот, министерот смета дека таму сè уште не е создадена доволна критична маса која би го променила тој став.

„Заблудата е, меѓу другото, создадена и од нашите претходници во Владата, коишто немале за цел да го штитат интересот на својот народ, туку имале за цел да бидат допадливи на неколку европски политичари коишто сега веќе не се ни активни европски политичари, дел од нив се пензионирани, некои работат во академскиот свет. Извинете, ама да се предаде својот народ за да бидете допадливи на неколку колеги од меѓународниот свет е најголемиот грев којшто можете вие да го направите во политиката. Бидејќи ние нашиот легитимитет го црпиме од народот којшто нè гласа и треба да работиме за неговата долгорочна иднина“, заклучи министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img