Низ годините, како и во моментот, колку и да должат јавните претпријатија или општините, оние, на кои им се должни, никако не можат да си ги наплатат долговите, бидејќи Законот за извршување ги штити. Но, ваквата ситуација многу наскоро може да се смени, бидејќи Уставниот суд покрената постапка за преиспитување на членот од Законот за извршување кој ги штитеше претпријатијата и општините кои се должници.
Станува збор за Член 218 кој гласи:
,,Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба”.
Од Уставниот суд информираат дека во оваа фаза од постапката изразиле сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна.
-Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи.
Судот се сомнева дека со вака уредената норма, правосилните пресуди, извршните решенија кои ги имаат граѓаните, правните субјекти, во својство на доверители во постапките се само деклараторни, бидејќи во пракса не може да се извршат предмети или права, особено што не е јасно за какви предмети и права станува збор, појаснуваат од Уставниот суд.
Оттаму додаваат дека Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот.
-Пред Судот основано се постави и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот, велат од Уставен.
За подносителот на иницијативата, Николче Митевски, бил спорен само првиот став од членот 218, но во текот на седницата Судот одлучил по сопствена иницијатива да поведе постапка и за ставот 2 од Законот.
Во иницијативата, меѓу другото е наведен и пример од праксата на неможноста да се оствари правото на пензија на лице вработено во комунално претпријатие, на кое не му биле уплаќани придонеси, а има наполнето 15 години работен стаж. Имено, се тврди дека лицето со неисплатени придонеси за пензија добива правосилна судска пресуда во негова корист, но не може да наплати од комуналното претпријатие и извршителот не може да преземе извршни дејствија, токму поради непрецизноста на содржината на оспорената одредба.
-При носењето на оваа одредба Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката, велат од Уставниот суд.
Оваа иницијатива и постапката пред Уставниот суд се од голема важност, бидејќи доколку судот го укине членот, Собранието ќе мора веднаш да интервенира со нови одредби, зашто државните институции и претпријатија кои се должници можат да останат без се што поседуваат. Односно, извршители да им одземат механизација, канцелариски мебел, компјутери…
Сепак конечно ќе мора да се изнајде и начин и доверителите кои со години имаат побарувања да си ги наплатат од овие институции.









