Како и секоја влада и оваа влада, особено кога доаѓа на власт има амбиоциозни планови, но, по сè изгледа, оваа влада се сопна на првите чекори, смета Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ, во вечерашната Вин-Вин на ТВ Телма.
„Покрај тоа што планираше така како што испланира, и покрај нејзините напори да ја зголеми наплатата, гледаме дека бројките не го кажуваат тоа. Тоа зборува за недостаток и системски проблем на функционирање на системот. Ние оваа година слушавме многу за тендери, отворање, ставање на камен-темелник на големи капитални објекти, слуѓавме дека имаме стратешки партнери кои што ќе поддржат големи инфраструктурни инвестиции. Ако ги анализираме капиталните инвестиции, тие кои што треба да го движат растот, гледаме дека на владата ѝ требаше пренамена за да може да доплати капитални расходи“, рече Митевски.
Според него, недостатокот на работна сила, недостатокот на квалификуван кадар, конечно, се покажува и во јавниот сектор.
„Ако немате вие соодветна администрација, а таа која што била соодветна, веќе си заминала, си го нашла чарето или надвор од јавниот сектор или надвор од државата, тогаш трпи системот, а тоа го гледаме преку бројките“, додаде Митевски.







