По повод одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците организираше инклузивен панел на кој учествуваа универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, еминентни новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество.
На почетокот од настанот, министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, им се заблагодари на сите учесници за позитивниот одговор на поканата и за нивниот придонес кон реализацијата на овој значаен настан.
Ферати истакна дека одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината и кон предизвиците кои претстојат.
„Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите“, истакна Ферати.
Според министерот, младите претставуваат најголем ресурс на државата за градење на поразвиено и постабилно општество и за обезбедување повисок животен стандард.
Ферати изрази очекување дека преку панелот ќе се придонесе кон зајакнување на толеранцијата, меѓусебното разбирање и соработката меѓу заедниците, нагласувајќи дека отворениот и конструктивен дијалог е неопходен за создавање нова култура на политички и општествен дијалог.
„Таквиот отворен и конструктивен дијалог би бил силна порака до јавноста и темел за градење на нашите внатрешни капацитети за нова култура на политички и општествен дијалог“, рече Ферати.
Тој се осврна и на организацијата на настанот, истакнувајќи дека за само 20 дена од преземањето на функцијата, заедно со тимот на Министерството за односи меѓу заедниците, успеале да организираат настан со широк и инклузивен карактер.
„Не беше лесно. Но, за само 20 дена на функција, успеавме, заедно со тимот на Министерството за односи меѓу заедниците, да го организираме овој инклузивен настан“, посочи министерот.
Тој ја истакна и разновидноста на учесниците, оценувајќи дека присуството на различни профили и перспективи му дава посебна вредност на дискусиониот процес.
„Денес на овој панел имаме универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, еминентни новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество. Токму оваа разновидност на гласови му дава вредност на овој дискусионен процес“, истакна Ферати.
На крајот, министерот им се заблагодари на сите учесници за нивното присуство, издвоеното време и придонесот, посакувајќи отворена и конструктивна дискусија која ќе понуди конкретни идеи за тоа што може да се направи подобро во годините што следуваат.






