Во рамки на учеството на Интерпарламентарната конференција на тема „EU Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“, која се одржува во Тирана, Република Албанија, делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија оствари билатерална средба со делегација од Комисијата за прашања на Европската Унија при Сејмот на Република Полска.
На средбата, потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседател на Комисијата за европски прашања, г. Антонијо Милошоски, разговараше со г. Јарослав Валенса, шеф на полската парламентарна делегација, и со г. Томаш Глоговски, член на Комисијата за прашања на Европската Унија при полскиот Сејм. На средбата учествуваа и г-ѓа Даниела Белимова, член на Комисијата за европски прашања, како и амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Албанија, г. Веле Трпевски.
Милошоски истакна дека парламентарната соработка претставува значаен придонес кон натамошното зајакнување на традиционално добрите и пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Полска. Тој ги запозна полските соговорници со тековните процеси поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија, како и со исполнувањето на реформските приоритети во насока на напредокот кон членство во Европската Унија.
Во контекст на одличните билатерални односи меѓу двете земји, Милошоски ја нагласи важноста од продолжувањето на парламентарниот дијалог и размената на искуства, особено во делот на европските интеграции и реформските процеси.
Шефот на полската парламентарна делегација, г. Јарослав Валенса, истакна дека Република Полска е подготвена и понатаму, како и досега, активно и посветено да соработува со Република Северна Македонија и да ја поддржува во процесот на европска интеграција.
Валенса посочи дека е запознаен со предизвиците со кои се соочува Република Северна Македонија на патот кон Европската Унија, вклучително и со прашањата кои имаат историски контекст, при што ја истакна подготвеноста за продолжување на отворениот и конструктивен дијалог и парламентарната соработка.
Соговорниците се согласија дека интензивирањето на парламентарните контакти, размената на искуства и добри практики и заемната поддршка се од особено значење за натамошното унапредување на билатералните односи и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Делегацијата на Комисијата за европски прашања, предводена од претседателот Антонијо Милошоски и во состав со членот на Комисијата Даниела Белимова, придружувани од амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Албанија, г. Веле Трпевски, учествува на Интерпарламентарната конференција „EU Enlargement: A Strategic Agenda for Europe’s Future“, која се одржува на 28 и 29 септември 2026 година во Тирана.
Во рамки на престојот во Тирана, подоцна е предвидена и билатерална средба со делегација од Република Ирска, на која ќе се разговара за можностите за натамошно унапредување на парламентарната соработка, како и за прашања поврзани со европските интеграции и процесот на проширување на Европската Унија.
Конференцијата е посветена на унапредување на меѓупарламентарниот дијалог за проширувањето на Европската Унија, размена на парламентарни искуства и добри практики во областа на европската интеграција, како и на улогата на националните парламенти во поддршката на кредибилен, инклузивен и одржлив процес на проширување на Европската Унија.






