Македонската Влада стои зад аргументите на стратешкиот партнер САД, а премеирот Христијан Мицкоски посочи дека меѓународното право се кршело и на грбот на македонскиот народ-изјавувајќи во врска со акцијата во Венецуела и претседателот Николас Мадуро.
Според премиерот, она што загрижува е громогласната тишина од европски и светски земји.
„Преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН, кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име, кога се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме земја членка на ЕУ, тоа се вистински преседани. Ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер САД.“
Опозициската СДСМ со обвинувања адресирани до премиерот.
„Христијан Мицкоски вели дека ги поддржува САД како стратешки партнер и Владата ја поддржува акцијата во Венецуела, ама од друга страна вели дека е спротивно на меѓународното право. За Мицкоски ниту ЕУ не се грижи за меѓународното право. Бидејќи лично тој го блокираше европскиот пат на Македонија самиот го потврди она што го говориме, разоткриен е. САД веќе носат посебен Закон за Западен Балкан со фокус на борбата против криминалот и корупцијата.“
Дел од српските медиуми пишуваа со навредливи тонови за поддршката дадена на САД за оваа акција од страна на македонскиот министер за надорешни работи Тимчо Муцунски. Денеска пак на Седница на Советот за национална безбедност на Србија, со која претседаваше претседателот на државата, Александар Вучиќ кажа дека Србија нема закана од агресија, но најави дека армијата двојно ќе го зголеми воениот капацитет.
Александар Вучиќ-претседател на Република Србија
„Сега е јасно дека меѓународното јавно право не постои, дека редот на Обединетите нации постои само на хартија. Како мали земји, мора да си признаеме и по акцијата во Венецуела, дека е сосема јасно дека меѓународниот јавен правен поредок и Повелбата на Обединетите нации воопшто не функционира.“
Претходно претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека Венецуела ќе биде под водство на САД додека не се направи транзиција на власта, но не нагласи колку ќе трае ваквата транзиција.







