Премиерот Христијан Мицкоски за ТВ21 изјави дека Владата работи на создавање услови за сериозна инвестиција на Попова Шапка и изрази увереност дека овој ски-центар има потенцијал да стане еден од најдобрите туристички центри во овој дел од Европа.
„Станува збор за многу сериозни инвеститори. Работите не секогаш се случуваат толку брзо колку што би сакале, но оптимист сум дека ќе успееме во крајната цел – Попова Шапка да биде најубавиот туристички центар во овој дел од Европа“, изјави Мицкоски за ТВ21.
Тој посочи дека локацијата има значајни предности, меѓу кои и близината до меѓународен аеродром, од каде што за околу 45 минути туристите можат да бидат на ски-стазите. Дополнително, неколку месеци во годината има природен снег, иако, како што рече, временските услови се фактор врз кој државата нема директно влијание.
„Потенцијалот е огромен, но потребен е јасен и прецизен план пред да се влезе во финален договор“, нагласи премиерот за ТВ21, додавајќи дека активностите во таа насока веќе се во тек.
Во однос на можноста за изградба на нова жичара, Мицкоски за ТВ21 потврди и дека се разгледува таква опција, но појасни дека таа не би се градела по трасата на старата жичара од Тетово.
„Се разгледува нова локација, но за деталите ќе зборуваме кога ќе дојде време“, изјави тој.
Прашан за контролата и зачувувањето на просторот на Попова Шапка, премиерот истакна дека се разговара и за тие прашања и упати јасен апел против дивоградбите.
„Апелирам да не се случуваат диви градби, затоа што државата има механизми да го спречи тоа“, порача Мицкоски.







