Излезот од спорот со Бугарија треба да се бара преку дијалог и приближување на ставовите, изјави премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека разговорите меѓу Скопје и Софија мора да продолжат за да се дојде до решение.
Мицкоски рече дека е задоволен што дијалогот започнал и дека меѓународните партнери се запознаени со содржината на разговорите.
„Тоа е убавината во демократијата – да разговарате кога имате различни ставови, а умешноста во демократијата е кога тие различни ставови ќе ги приближите и на крајот ќе дојдете до компромис“, рече Мицкоски.
Тој очекува разговорите да продолжат и во одреден момент позициите на Македонија и Бугарија да се приближат.
„Јас очекувам дијалогот да продолжи да се води и во одреден момент ставовите да се приближат и да дојдеме до решение“, изјави премиерот.
На прашањето дали се подготвува нова средба пред декемврискиот самит на ЕУ, Мицкоски не посочи конкретен термин и рече дека процесот треба да се движи „по природен пат“.
Изјавата доаѓа по средбата во Софија меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, на која беа потврдени разликите меѓу двете страни, но и потребата од продолжување на дијалогот.
Мицкоски претходно побара и поголема вклученост на Европската Унија во разговорите со Софија, со образложение дека е потребно одржливо решение и гаранции дека евроинтегративниот процес нема повторно да биде отвoран за нови билатерални условувања.
Бугарија, пак, останува на ставот дека Македонија треба да ги исполни обврските преземени во европскиот преговарачки процес, вклучително и уставните измени.






