Европската интеграција на нашата земја, можеби е единствен случај во Европа чијашто интеграција во рамките на самата Европска Унија не се цени според системот на напредок, односно како се совладуваат предизвиците, туку целиот овој процес на приклучување кон Европската Унија се темели на билатерални прашања и самото тоа го нарушува кредибилитетот на самата Европска унија за што се повеќе политичари во Брисел се свесни. За нас само, како земја кандидат не важи мерит бејс не важи пристапувањето, за нас важи билатерализација на пристапниот процес, рече претседателот на Влада и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната конференција на Паневропската унија во Македонија на тема „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“.
Мицкоски направи споредба на билатералниот спор помеѓу Хрватска и Словенија кој се реши во рамките на неколку месеци откако тогашниот Европскиот Совет јасно кажа дека спорот ќе се решава откако Хрватска ќе ги заврши преговорите и ќе биде дел од Европската Унија, со што тогаш ќе има рамен терен и тогаш ќе има арбитражен спор во чии рамки ќе се бара решението на тој спор ќе се бара и билатералното решение меѓу двете земји.
Таквото нешто, додаде Мицкоски, за нас не важеше и сè уште не важи затоа што Македонија е жртва на класичен булинг на земји членки коишто од внатре го уценуваат интегрирањето во рамките на Европската Унија и тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку се цени според тоа дали ќе го смениме Уставот, знамето, банкнотите.
„И колку повеќе ова го игнорираме, толку потежок ќе биде тој пат и толку повеќе ќе имаме препреки пред нас. Колку повеќе сме свесни за овие предизвици и за неуспесите на политички гарнитури од минатото, толку потешко ќе ни биде“, истакна Мицкоски, додавајќи дека ова се историски моменти во политиката и историските моменти знаат да траат и со децении, а понекогаш и со векови.








