Премиерот Христијан Мицкоски најави дека денеска во Владата ќе има состанок со претставници на сите дистрибутери, трговци и маркети на кои ќе им пренесе дека очекува намалување на цените на производите, особено на основните прехранбени производи, по завршување на кризата на Блискиот Исток.
Според шефот на Владата, граѓаните покажале исклучително трпение и толеранција во изминатиот кризен период, па затоа сега бизнис секторот е на потег да им се „одолжи“ на потрошувачите.
-Денеска имаме во во Владата состанок со сите дистрибутери, трговци и маркети и мојата порака ќе биде јасна. Завршува кризата, граѓаните беа толерантни, сега е на ред тие да им се оддолжат на на граѓаните и веднаш да пристапат кон намалување на цените на на производите, посебно основните прехранбени производи. Тоа го очекувам од нив. И исто така ние како Влада имаме механизми, доколку тоа не се случи, на еден поинаков начин да го спроведеме. Оправдување и изговори не прифаќам, од типот „не ни ги качиле, не ни ги намалиле цените“ и слично. Доколку не се види реакција од страна на маркетите, дистрибутерите и производителите во следните денови, тогаш ние како Влада ќе реагираме – рече Мицкоски.
Иако во оваа првична фаза премиерот не откри конкретни проценти или точни групи на производи кои први би поевтиниле, тој потврди дека линијата е повлечена и дека ценовни корекции едноставно мора да има.
-Јас не би можел да кажам колкаво и каде најмногу, само кажувам дека основните прехранбени производи потребно е да претрпат корекција бидејќи граѓаните беа толерантни до сега, сега е време тие да се одолжат на на граѓаните. И ќе направиме некои споредби какви се цените во регионот, какви се цените кај нас за некои од основните прехранбени производи и во одредени маркети, ако треба, и по име и по презиме од утре јавно ќе ги објавуваме ние, па понатаму оставаме на нив – истакна премиерот.
Во однос на намалувањето на цените на горивата, Мицкоски рече дека очекува РКЕ да донесе одлука за намалување на цените на бензините за 2,5 до 3 денари по литар, а намалувањето на дизелот да оди и до 7 денари.








