Премиерот Христијан Мицкоски не очекува промени во преговарачката рамка со ЕУ без консензус од сите земји членки, додека темите за Бугарија, уставните измени и дипломатската нота остануваат во фокусот на политичката дебата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, пак, ја обвини Владата за пропаганда и манипулација со јавноста.
Темите за Бугарија, уставните измени и дипломатската нота се најдоа во фокусот на изјави дадени во неколку телевизиски интервјуа во четвртокот (25 јуни). Премиерот Христијан Мицкоски,во „Отвореното студио“ на МРТ, изјави дека не очекува промени во преговарачката рамка.
„Не очекувам дека во евроинтегративниот процес ќе има какви било промени, бидејќи тоа е договор којшто може да се промени само со консензус. Не очекувам дека некои од земјите членки ќе сакаат да се промени тој договор во којшто би изгубиле делумно од своите позиции…“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Франција и Германија понудиле предлог за забрзување на интеграцијата на регионот во којшто истовремено ќе го забрзаат интегрирањето на регионот, но ги изнесе и своите ставови за тоа што „можеби треба да се одземе или додаде во тој предлог“.
„Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како Реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин, практично да се дадат поттици и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го дадов на тие билатерални средби и мислам дека предизвикав внимание. Ќе видиме сега дали тоа ќе биде операционализирано, но, во секој случај, јас сум задоволен од тоа што се бараат конструктивни решенија да му се понуди европска перспектива на регионот“, рече Мицкоски.
Тимчо Муцунски е разочаран од реакцијата на Софија откако во јавноста се појави дипломатска нота со детали за патувањето на семејството на премиерот Мицкоски во ПампоровоФотографија: Petr Stojanovski/DW
Премиерот посочи дека бугарските политичари не се откажуваат од Протоколите 1 и 2, каде се охрабрува работата на историската комисија до влезот на Северна Македонија во Европската Унија, а воедно потсети на говорот на сегашниот бугарски премиер од 2019 година во Санкт Петербург, каде тој си ги присвојува Кирил и Методиј и кажува дека вечно ќе ја слават Санстефанска Бугарија.
„Во политиката мора стратешки да ги гледате работите пред да ставите потпис. Кога ќе го ставите потписот претходно мора да имате пред-текст на што ставате потпис и да антиципирате можни предизвици. Кога ќе ни каже некој да го смениме Уставот, добро, но што потоа, затоа што оваа трка немаме намера да ја почнеме, имаме намера да ја завршиме. Нашата цел како влада е со мудрост, тактика, стратегија да се обидеме да го исправиме тоа кое е погрешно направено“, дециден е Мицкоски.
Во однос на дипломатската нота, објавена во јавноста, тој оцени дека станува збор за координирана активност. „Мислам дека се ниски страсти и организирана кампања која што во овој период е забележлива“, рече Мицкоски.
И министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, изрази разочарување од реакцијата на Софија откако во јавноста се појави дипломатска нота со детали за патувањето на семејството на премиерот Мицкоски во Пампорово.
Муцунски рече дека во соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи нема јасен демант дека дипломатската нота протекла од нивна страна. „Најмалку што очекував е осуда за објавувањето на дипломатската нота“, изјави Муцунски, правејќи паралела со реакцијата на македонските институции во слични ситуации.
Во меѓувреме, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто „Вин-Вин“ на телевизија Телма, ја обвини Владата дека води политика на заплашување. „Владата на Христијан Мицкоски намерно ги манипулира граѓаните околу европскиот процес, ширејќи стравови наместо да работи за државните интереси“, рече Филипче.
Тој посочи дека власта погрешно ја претставува преговарачката рамка со ЕУ.
„Ги толкуваат документите од францускиот предлог, условот за отворањето на кластерите, протоколите, како некое национално предавство. Сакам да ги прашам, зошто ги читаат тие документи со бугарско срце? Зошто не ги гледаат како што се вистински, вистински патриотски? Го штитиме, го надградуваме нашиот идентитет, тоа е македонски интерес“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека во процесот на европските преговори нема никакво предавство на националните интереси, туку напротив – за првпат македонскиот јазик е признаен без какви било додавки.
Филипче ја обвини власта дека создава атмосфера на страв. „Тие фрлаат магла и ги плашат граѓаните. Играат на картата дека којзнае што ќе се случи после уставните измени и којзнае како Бугарија ќе го загрози идентитетот. Нѐ обвинуваат дека сме бугарски платеници, а притоа не кажуваат што е загрозено, ништо не е загрозено“, рече лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека државата има историска шанса за напредок кон ЕУ. „Државата ќе се трансформира кога ќе ги отвориме кластерите, кога ќе ги почнеме преговорите“, изјави Филипче.








