Претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за поставување на пратенички прашања истакна дека го поддржува отворањето рудник за антимон во селото Луке, Крива Паланка, посочувајќи дека ист став има и градоначалникот на општината од редовите на СДСМ.
„За рудникот на антимон во Крива Паланка во местото Луке, да сум за, исто како што сум јас, е и вашиот градоначалник, потполно исто. Градоначалник еден од ретките на СДСМ градоначалници кои во моментот ги има. Но, и тој изгледа има поинаков став од ова раководство на партијата и од вас лично, и тој застана во насока на поддршка на тој рудник за антимон во местото Луке на Крстов Дол во паланечко. Да сум, еве најпоконкретно не можам да ви одговорам од ова“, вели тој.
Во однос на рудникот Казандол, Мицкоски нагласи дека арбитражниот спор произлегол од одлуките на претходната влада за раскинување на договорот, но како што нагласи актуелната Влада го добила спорот, а украинската компанија што ја покренала арбитражата треба да ги покрие трошоците за постапката, без финансиски последици за државата.
„Одиме понатаму, за Казандол. За Казандол се вршеше процес на арбитража кој што беше резултат на политиките на вашата влада која што го раскина тој договор. Во тој процес на арбитража кој што ни беше наследен имавме сведочења од луѓе кои што велеа дека претходната влада, така барем велеа, не знам дали е тоа вистина, дека претходната влада била готова да се спогоди за одредена сума на пари, се спомнуваа цифри од 20 до 30 милиони долари, да го изгуби случајот на арбитража и потоа нормално да добијат одредена награда поединци. Но, како заврши тој процес на арбитража? Тој процес на арбитража заврши со победа на македонската влада и дури странката во случајот украинската компанија која што беше концесионер и која што ја почна таа арбитража треба да ги плати трошоците поврзани со арбитражата. Државата ќе плати нула. Така работи оваа влада домаќински и одговорно кај граѓаните“, рече Мицкоски и додаде:
„Сега доаѓаме до Штука и Иловица. Проектот почнат од влада која што ја предводел предлог на СДСМ Владо Бучковски, од тогаш е овој проект почнат. Доаѓаме повторно сега до следна влада а тоа е владата на СДСМ и ДУИ кога на владина седница министерството за економија тогашно, носи одлука за спојување на двете концесиски подрачја кои што се наоѓаат во областа помеѓу Штука и Иловица. За да потоа неколкумина од вашата тогашна влада се прават дека не биле присутни на таа владина седница, не се од тука, не знаеле каде се наоѓаат и викаат ние не знаеме ова како дојде, а гласале има стенограми и да недела дена потоа донесат одлука за поништување на претходната одлука со која се поврзуваат двете концесиски подрачја. И потоа истите овие концесионери почнуваат судски процес пред Управниот суд односно сега ние добиваме одлука од Вишиот Управен суд која што вели дека ја поништува вашата втора одлука, односно одлуката со која се поништува првата одлука за спојување на концесиските подрачја и ја става во важност одлуката со која се спојуваат концесиските подрачја. За да тие подрачја се спојат потребно е анекс на договорот, а анексот на договорот не е регулиран со законот“.
Мицкоски порача дека Владата нема да презема дејствија спротивни на интересите на граѓаните, обвинувајќи ја претходната власт дека донесувала одлуки на штета на државните интереси.
„И оваа влада, запомнете, нема никогаш ништо да направи што е спротивно на граѓаните. Јас не ја распродавам, јас само го враќам тоа што вие го распродадовте. Име, територија за марихуана плантажи, француски предлози, се откажавме од македонскиот род, тоа јас го враќам“, заклучи премиерот Мицкоски.






