Не е време за нови парламентарни избори, туку за реализација на владините проекти што им се ветени на граѓаните, е ставот на Изет Меџити, еден од копретседателите на партијата Вреди, која е дел од владината коалиција. Ова е одговорот на новинарско прашање врзано за односите со ВМРО-ДПМНЕ и со премиерот Христијан Мицкоски, по поразот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите за градоначалник на Брвеница од редовите на владејачката партија, од каде што ја обвинија Вреди дека одиграла улога на „тројански коњ“ со неподдржувањето на кандидатот. На ова од Вреди тогаш одговорија дека тие не можеле да им наложуваат на своите симпатизери за кого да гласаат, а сега Меџити смета дека ќе се надминат проблемите меѓу двете владејачки партии.
– Се договоривме да бидеме фокусирани на решенијата, на работата и на реализацијата на проектите, а не на избори – рече Меџити.
Во дел од медиумите се појавија информации дека неделава може да се очекуваат негова средба и средба на вториот копретседател, Билал Касами, со премиерот Мицкоски. Според навестувањата, се очекува на средбата премиерот да го каже своето незадоволство од отсуството на поддршка од Вреди за нивниот кандидат, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа кандидатите на партнерот во општините Струга, Чаир, Тетово… на локалните избори.
Сепак, Меџити е на ставот дека нормално се одвива комуникацијата и покрај различни мислења за одредени теми.
– Со премиерот Мицкоски имаме редовни средби. Ние сме дел од Владата, партнери сме во Владата, но не размислуваме секогаш исто. Има моменти кога имаме различни мислења, кога се судираме во ставовите и позициите, но Владата има демократски капацитет да ги надмине тие разлики внатрешно и да продолжи напред. Фокусирани сме на решенијата, а не на избори. Постојано се среќаваме со премиерот и не е никаква новост да кажеме дека имаме средби – рече Меџити.
Партнерите во владината коалиција треба да се договорат и околу реконструкцијата на дел од заменици-министрите и на директори на владини агенции. По реконструкцијата на Владата, останаа празни заменик министерските места во ресорите социјална политика и култура, бидејќи заменици- министрите Ѓоко Велковски и Седат Сулејмани станаа министри во тие ресори. (Б. Ѓ.)






