Второто издание на Маврово Опен почнува овој викенд во Маврови Анови и до 13 септември ќе донесе тенис, детски програми, волонтерски активности и хуманитарна поддршка за локалната заедница.
Турнирот, кој минатата година почна како иницијатива на група пријатели за подобрување на условите во основното училиште во Маврово, годинава расте со повеќе учесници и проширена програма.
На јавното тениско игралиште ќе настапат 84 натпреварувачи во категориите мажи, жени и полу-професионалци. Интересот за учество е повеќе од двојно поголем од лани, а за првпат полу-професионалната категорија ќе има и натпревари во двојки.
Организаторите велат дека една од главните цели е тенискиот терен да стане активен јавен простор што ќе го користи и локалната заедница, особено децата.
„Нема смисла да имаме прекрасно тениско игралиште изградено по професионални стандарди, ако децата од општината немаат можност да го користат и да го запознаат тенисот како спорт“, вели Филип Крстевски, претседател на Маврово Опен.
Во рамките на детската програма ќе биде организиран посебен тениски тренинг за учениците од ОУ „Денче Дејаноски“ во Маврово, со професионален тренер и обезбедена опрема. Програмата се реализира со поддршка од Европската Унија.
Годинава за првпат е отворена и волонтерска програма преку која младите ќе можат директно да се вклучат во организацијата на турнирот.
За публиката што нема да може да присуствува во Маврово, натпреварите ќе имаат и професионален пренос во живо. Македонски Телеком, како технолошки партнер, ќе обезбеди бесплатен интернет на локацијата.
Организаторите повторно најавуваат и бесплатен превоз до Маврово и околу езерото, со поддршка од АБЦ Рент а кар. Со ова сакаат да го олеснат пристигнувањето на посетителите, но и да го отворат прашањето за потребата од јавен превоз во Маврово во зимската и летната сезона.
Во соработка со платформата за архитектура и урбанизам МЕЛЕЕМ е распишан и конкурс за архитектонско решение за трибина покрај тениското игралиште. Идејата е просторот постепено да прерасне во место за спорт, престој и дружење и надвор од деновите кога се игра турнирот.
Маврово Опен и годинава го задржува хуманитарниот карактер. Иницијативата продолжува да собира поддршка за подобрување на условите во основното училиште во село Маврово, кое има само неколку ученици.
Турнирот ќе се одржува од 28 август до 13 септември на тениското игралиште во Маврови Анови.






