домаМакедонијаМакедонска навигација „бомбардира“ со кривични пријави: Управниот одбор одобри позајмица од 7...

Македонска навигација „бомбардира“ со кривични пријави: Управниот одбор одобри позајмица од 7 милиони евра, а ги доби вратените пари во денари

- Advertisement -spot_img

Дополнението на кривичната пријава е за тоа што откако владата ја доби позајмицата, враќањето го извршува во денари, со што М-НАВ претрпува директна штета од 50.000 евра, за што дополнително се товарат пријавените.

Македонска навигација го „бомбардира“ Обвинителството за гонење на Организиран криминал со кривични пријави против Управниот одбор, а последната на нивна адреса стигна вчера, на 18 август како дополнување на досегашните пријави, дознава „Фокус“.

Според документите со кои располагаме, откако владата на седница носи одлука со која го задолжува М-НАВ да одобри краткорочна позајмица од 7 милиони евра, Управниот одбор на ова претпријатие на својата 65-та седница одржана на 16 јули првично не го одобрува барањето, но само еден ден подоцна ја преиначува својата првична одлука и дава зелено светло за позајмица на Јавното претрпијатие за државни патишта.

Сепак, дополнението на кривичната пријава е за тоа што откако владата ја доби позајмицата, враќањето го извршува во денари, со што М-НАВ претрпува директна штета од 50.000 евра, за што дополнително се товарат пријавените.

„По ова задолжение, Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје, во состав на пријавените, на својата 65-та седница одржана на 16.07.2026 година, донел Одлука бр. 0201-730/5 со која НЕ СЕ ОДОБРУВА барањето, со образложение дека таквата позајмица е во спротивност со повеќе закони и меѓународни договори, носи сериозни финансиски и правни ризици и ја загрозува ликвидноста и репутацијата на друштвото. Во прилог на оваа одлука било и Мислењето од Агенцијата за цивилно воздухопловство (бр. 05-1121/2 од 16.07.2026 г.) кое експлицитно укажува на законските пречки. Ова докажува дека пријавените биле целосно свесни за незаконитоста.

Спротивно дејствие и донесување штетна одлука: И покрај сопствената претходна одлука и јасните укажувања за незаконитост, Управниот одбор, во истиот состав (пријавените), само еден ден подоцна, на седница одржана на 17.07.2026 година, донел нова, сосема спротивна Одлука бр. 0201-733/2 со која СЕ ОДОБРУВА краткорочната позајмица на ЈПДП во износ од 7.000.000 евра. Како правен основ за оваа одлука, Управниот одбор повторно се повикува единствено на задолжението од Владата.

Враќање на позајмицата и предизвикување дополнителна штета: По силниот медиумски притисок и јавното изложување на незаконитоста на зделката, на ден 13.08.2026 година, ЈП за државни патишта извршило враќање на средствата. Меѓутоа, со самиот чин на незаконско давање и враќање на средствата, на М-НАВ АД Скопје му е нанесена директна и веќе остварена финансиска штета. Позајмицата во износ од 7.000.000 евра е исплатена од девизната сметка на М-НАВ, додека враќањето на средствата е извршено на денарската сметка. Поради разликата во куповниот и продажниот курс на девизите, со самата конверзија на средствата, М-НАВ АД Скопје претрпел директна штета во износ од околу 50.000 евра. Оваа штета е директна последица на незаконското постапување на пријавените. Враќањето на главницата не ја елиминира веќе настанатата штета, ниту кривичната одговорност за стореното дело“, се наведува во последната кривична пријава со која располага „Фокус“.

Во кривичната пријава понатаму се наведува дека, со ова дејствие, пријавените, во својство на одговорни лица, свесно и со намера, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги своите овластувања, постапиле директно спротивно на позитивните законски прописи, меѓународните ратификувани договори и основните принципи на наменско и совесно работење, со што прибавиле противправна имотна корист за друг (ЈП за државни патишта) и предизвикале значителна штета на М-НАВ АД Скопје.

„Согласно „Листата на тековни проекти за јавни инвестиции“ одобрена од Владата (заклучно со 30.06.2026 г.), единствен одобрен проект за М-НАВ АД Скопје е „Проект за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза“. Овој проект се финансира од заемот од ЕБОР и е во согласност со основната дејност на друштвото. Давањето позајмица на ЈП за државни патишта за изградба на патна инфраструктура воопшто не е предвидено како одобрен јавен инвестициски проект за М-НАВ. Со тоа, пријавените постапиле спротивно на начелата за наменско, економично и ефикасно користење на јавните средства.

Република Северна Македонија има ратификувано Мултилатерална спогодба за надоместоци за прелети, која согласно Уставот има сила на закон и е директно обврзувачка. Спогодбата воспоставува заеднички систем за наплата на строго наменски надоместоци од авиокомпаниите, со цел исклучиво покривање на трошоците поврзани со обезбедувањето на услугите во воздушната навигација.

Според член 58 од Законот за воздухопловство , М-НАВ АД Скопје се финансира од надоместоци кои ги наплатува ЕУРОКОНТРОЛ.

Документот на Еуроконтрол, „Principles for establishing the cost-base for en route charges and the calculation of the unit rates“ (Doc. No 20.60.01), во точка 2.2.1. недвосмислено наведува дека приходите од рутите „не смеат да се користат за финансирање на комерцијални активности на давателите на услуги за воздушна навигација“.

Давањето позајмица на ЈП за државни патишта очигледно не претставува трошок за маршрутни навигациски уреди и служби.“, се наведува понатаму во кривичната пријава.

Дел од вработените во кривичната пријава наведуваат дека ваквата лоша одлука за позајмица може да донесе штетни последици на Македонска навигација.

Активирање на Банкарски Санкции и Лондонска Арбитража: Договорот за заем со ЕБОР за финансирање на Проектот за надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација – втора фаза (склучен на 29.07.2022, оперативен бр. 53184) содржи Член VI (Негативни договорни обврски).

Позајмица без писмено одобрение од ЕБОР претставува прекршување на договорот, што им дава право на ЕБОР и Комерцијална банка АД Скопје веднаш да побараат предвремена и целосна наплата на сите кредити (4.049.774,16 евра) и раскинување на договорите . Секој спор согласно дел 8.10 од договорот ќе се решава со арбитража според UNCITRAL правилата пред LCIA (Лондонски суд за меѓународна арбитража) во Лондон, Англија.

Блокада на ATM Системот и Загрозување на Безбедноста: Во моментот М-НАВ спроведува критични активности за имплементација на новиот АТМ (управување со воздушен сообраќај) систем Одливањата на девизни средства го загрозуваат повлекувањето на новите финансиски транши за идни проекти, што може да доведе до прекин или одложување на проекти од суштинско значење за безбедноста на авиособраќајот .

Губење на Лиценцата и Неликвидност: Агенцијата за цивилно воздухопловство (со допис бр. 05-1121/2 од 16.07.2026) јасно предупреди на потребата од задржување на финансиската ликвидност . Губењето на ликвидноста го загрозува спроведувањето на основната дејност .

Целосно Уништување на Репутацијата: Дописите соодветно потврдуваат дека М-НАВ се соочува со сериозно загрозување на репутацијата кај домашните и странските кредитни институции, како и кај меѓународните воздухопловни власти.

Македонска навигација должи околу 15 милиони евра, а дава позајмица на Владата од 7 милиони евра – Fokus.mk

Како што веќе објавивме, Македонска навигација на 29 јули, 2022 потпишува договор за заем од ЕБОР во вредност од 9.770.000 евра, како и договор со Комерцијална банка во вредност од 5.000.000 евра, додека пак на 13 февруари. 2023 година М-НАВ склучува договор за техничка помош од ЕБОР, од каде што добиле грант од 406.000 евра.Тоа значи дека имаат долг од околу 15 милиони евра.

Заклучно, со крајот на 2025 година со средствата обезбедени со Договорот за заем за реализација на проектите биле исплатени 3.874.381 евра, додека од договорот за техничка помош биле исплатени 244.057 евра.

Македонска навигација како контролно тело кое што своите приходи ги обезбедува од прелети, соогласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средства собрани преку unit rate на јавни претпријатија или да ги троши за други цели, кои не спаѓаат во прифатливи трошоци.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img