Македонската фудбалска репрезентација утре го игра важниот дуел против Велс во Кардиф за второто место во групата кое води кон баражот за пласман на Светското првенство.
Поради важноста на овој дуел кој директно решава кој да биде втор и да игра бараж, УЕФА го делегираше еден од најдобрите судии во Европа.
Правдата ќе ја дели Холанѓанецот, Дани Макеле, а негови асистенти ќе биде Хесел Стегстра и Јан де Фрис, а пак четврт судија ќе биде Марк Нагтегал.
Исто така и во ВАР собата ќе бидат судии од Холандија, таму ќе бидат Пол ван Бoкел и Рихард Мартенс.
Се работи за исклучително искусен судија кој во својата кариера има судено 750 натпревари од кои 362 во националниот шампионат, 54 во Лигата на шампионите, 18 во Лига Европа, а 31 пат бил делегиран на квалификациските мечеви за пласман на Светските и Европските првенства.
Без разлика на утрешниот исход од натпреварот во Кардиф, нашата репрезентација секако ќе игра бараж за СП преку Лига на нации.
Ждрепката за баражот ќе биде во петок, а извесно е дека нашата репрезетнација полуфиналето ќе го игра на гостински терен.
Но, за утрешниот меч селекторот Благоја Милевски се соочува со проблем, бидејќи дефанзивецот Висар Муслиу ќе го пропушти мечот поради повреда, а под знак прашалник е и настапот на Јани Атанасов, кој има мскулни болки, па медицинскиот тим работи на тоа да се санира повредата и Атанасов да биде способен за настап за утревечер против Велс.







