домаМакедонијаМакедонија доби 149 милиони евра грант за пругата кон Бугарија

Македонија доби 149 милиони евра грант за пругата кон Бугарија

- Advertisement -spot_img

Со денешното потпишување на договорот за инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и на договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), почнува третата фаза од финансирањето на изградбата на железничката делница Крива Паланка-Деве Баир од Коридорот 8.

Договорите се потпишаа во Владата, а присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заменик шефот на Делегацијата на ЕУ Бен Нупнау, директорот на ЕБОР за Македонија Фатих Туркменоглу, директорот на ЕИБ во Македонија , Бјорн Габриел, како и директорот на Железници – Инфраструктура, Синиша Ивановски.

Преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ се обезбедени 149 милиони евра грант за изградба на третата делница од железничкиот коридор 8.

– Денешното потпишување претставува продолжување на визијата што ја постави оваа Влада – Македонија да ја искористи својата уникатна позиција како раскрсница на двата коридора, 8 и 10, и на тој начин да го докаже своето место како срце на Балканот. Изградбата на Коридорот 8 е еден од врвните приоритети на Владата. Ова е исклучитлено значаен ден, зашто по скоро две години работа доаѓаме до реален и остварлив проект, што може да биде реализиран – рече Николоски.

Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел што треба да ги спои двете држави, додаде тој.

– Очекуваме на крајот од овој месец да се одржи вториот меѓувладин состанок во Скопје, а пораката е јасна – двете држави испраќаат заедничко писмо до ЕУ, ЕИБ и до ЕБОР за обезбедување грант за изградба на тунелот кој, убеден сум, ќе биде далеку поголем од оние грант средства за кои досега се зборуваше. Овој настан покажува како може да се реализираат проекти, да се решаваат проблеми од минатото, да се стават работите на вистинските шини и да се движат – истакна министерот Николоски.

Според министерката Димитриеска-Кочоска, со документите што денеска се потпишааа се создаваат услови за непречено продолжување на реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата.

– Денеска потпишуваме амандмани кон договорите за финансирање и амандман на договорот за грант за проектот „Изградба на нова железничка делница Крива Паланка-граница со Република Бугарија, како дел од железничкиот Коридор 8“, со кој се обезбедува финансиска конструкција што ќе овозможи целосна реализација на проектот, а кој не само што ќе обезбеди подобра поврзаност меѓу Јадранското Море и Црното Море, туку ќе придонесе и за поголема економска интеграција, полесно движење на луѓето и на стоките, како и за нови можности за развој на македонската економија и на целиот регион – рече министерката.

Таа оцени дека за реализација на стратешките проекти не е доволна само политичката определба, туку е неопходно да постои и стабилна и одржлива финансиска рамка.

– Владата има јасна определба за реализација на стратешките инфраструктурни проекти. Во изминатите две години интензивно работиме на забрзување на динамиката на проектите што беа наследени со застој, како и на започнување нови инвестиции што придонесуваат за подобри услови за живот, унапредување на економијата и напредок на евроинтегративниот процес. Поддршката на капиталните проекти, покрај средствата обезбедени од меѓународните финансиски институции, се реализира и преку силна буџетска поддршка. Со Ребалансот на Буџетот за 2026 година обезбедивме дополнителни 5,8 милијарди денари за капитални расходи, односно 14,3% повеќе во однос на иницијално планираните средства. Тие се инвестиција во повисока конкурентност на македонската економија, во подобра регионална поврзаност, во нови можности за бизнисот и во повисок животен стандард за граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска

Остануваме посветени, нагласи таа, на реализацијата на овие цели, водејќи сметка истовремено да ја зачуваме стабилноста на јавните финансии.

– Токму таквиот пристап преку одговорно управување со јавните финансии, обезбедување средства за капитални инвестиции и силно партнерство со меѓународните финансиски институции создава основа за одржлив економски раст, поголема конкурентност и побрза интеграција на нашата држава во европските транспортни и економски текови – рече Димитриеска-Кочоска.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img