Осум месеци по американската операција во Венецуела и апсењето на Николас Мадуро, на неговиот официјален профил на социјалната мрежа X се објавени првите фотографии на кои тој е прикажан во американски притвор.
На фотографиите Мадуро се гледа насмеан и како позира, а заедно со нив е објавена и порака до неговото семејство и поддржувачите.
„Мал подарок од љубов и надеж. Ги испраќам овие фотографии како мал подарок до сите мои внуци, момчиња и девојчиња, и до сите благородни луѓе кои нè сакаат“, се наведува во пораката објавена на неговиот профил.
Мадуро им се заблагодарува и на луѓето кои му испраќале пораки за поддршка, молитви и солидарност.
„Сакам да знаете дека стоиме цврсто, срцата се исполнети со вашата љубов“, се наведува во дел од пораката.
Според временската ознака видлива на фотографиите, тие најверојатно биле направени во јуни, иако се објавени дури сега.
Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес се наоѓаат во американски притвор откако беа уапсени во Венецуела претходно оваа година.
Поранешниот венецуелски лидер се соочува со федерални обвиненија во САД, меѓу кои и за заговор поврзан со наркотероризам и трговија со кокаин. Мадуро се изјасни за невин по обвиненијата.
Неговото кривично судење, според моменталниот распоред, треба да започне во јуни 2027 година.
Апсењето на Мадуро предизвика огромно меѓународно внимание, а една од првите фотографии објавени по неговото приведување стана вирална низ целиот свет. Новите фотографии сега се првите што се објавуваат од периодот што го минува во американски притвор.






