Торони на Ситонија и ова лето е меѓу најпосетуваните дестинации за македонските туристи, но цените на плажите предизвикуваат бројни реакции на социјалните мрежи. Според информациите што ги споделуваат посетителите, цените за користење лежалки значително се разликуваат во зависност од барот и локацијата на плажата.
Во најповолните варијанти, туристите можат да изнајмат комплет лежалки и чадор за 10 евра, додека пијалаците се плаќаат дополнително.
Во дел од баровите цената зависи од позицијата на лежалките. Така, првиот ред до морето чини 16 евра, а останатите редови 14 евра, при што во цената се вклучени два пијалаци.
Сепак, веднаш до овие плажи има локали каде што не се наплатуваат лежалките директно, туку гостите мора да направат минимална потрошувачка од 50 евра за да можат да ги користат.
За оние што сакаат поголем комфор, постојат и поскапи варијанти. Некои ресторани покрај плажа бараат минимална потрошувачка од 20 евра за сет лежалки во јуни, а најавено е дека цената ќе се зголеми на 30 евра во јули и август.
Најскапата понуда моментално во Торони изнесува 30 евра по лице за лежалка во првиот ред до морето, односно 60 евра за две лица, при што пијалаците и храната се плаќаат дополнително. Во задните редови цената е 20 евра по лице.
Туристите велат дека изборот е голем и дека секој може да најде опција според својот буџет, но предупредуваат дека цените во екот на сезоната дополнително ќе растат.








