Либерално-демократската партија реагираше на, како што наведува, оправдување на насилството врз жените од страна на коалиционен партнер на власта на национална телевизија. Од ЛДП побараа премиерот и Владата јавно да се оградат и да го поддржат законското решение за електронски нараквици за насилниците.
Во реакцијата, партијата оцени дека станува збор за „средновековен „машки надзор““ и рече оти тоа е напад врз достоинството, слободата и безбедноста на жените во Македонија.
ЛДП го повика премиерот веднаш да одговори дали тоа е официјален став на Владата, а лидерката и пратеничка Моника Зајкова предупреди дека Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ должат одговори поради тоа што, според партијата, ваквото однесување го промовира професор од академијата.
Зајкова, која повеќепати го предлага законското решение за електронска нараквица за осудените за домашно насилство, порача дека токму за вакви случаи е потребно итно донесување на законот. ЛДП додаде дека, ако премиерот, Владата и Министерството за одбрана веднаш не се оградат и не го осудат говорот на омраза, ќе ги смета за соучесници и виновници за секој нов случај на семејно насилство.
Партијата заврши со повик: „Прекинете со глупави изговори – изгласајте го законот за електронска нараквица веднаш!“






