Регионалната занаетчиска комора – Куманово, во соработка со Општина Куманово, годинава ќе организира новогодишен и божиќен базар на Градскиот плоштад „Нова Југославија“.
Настанот ќе трае од 15 декември 2025 до 10 јануари 2026 година, а целта е да се промовираат локалните занаетчии, мали бизниси и традиционални производи, како и да се создаде празнична атмосфера во центарот на градот.
Комората објави јавен повик за сите заинтересирани правни и физички лица кои сакаат да изнајмат продажен штанд.
Предвидени се 13 дрвени штандови, целосно бесплатни за користење, како поддршка на локалната економија.
Штандовите се со димензии 2×2 метри и цврста конструкција, а ќе бидат поставени на централната локација на плоштадот.
Организаторите очекуваат учество од занаетчии и производители со најразновидни понуди – од дрворезба, керамика, природна козметика и новогодишни украси, до топли напитоци, домашни органски производи, палачинки, печени костени и празнични подароци.
Предност ќе имаат оние пријави што први ќе пристигнат, но и понудите што носат оригиналност, квалитет и тематска усогласеност со духот на празниците.
Штандовите ќе работат секој ден од 10 до 22 часот, а излагачите се должни да ги почитуваат сите законски прописи, особено кога станува збор за подготовка и продажба на храна и пијалаци.







