Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Струга поднесе кривична пријава против едно физичко лице – сопственик и управител на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Првопријавениот Б.З., во својство на сопственик и управител на второпријавениот правен субјект, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист за себе и за правниот субјект, го сторил кривичното дело „Даночно затајување“ на начин што не ги признал како приход застарените и ненамирени обврски во вкупен износ од 30.946.170 денари, прикажани во бруто-билансот за 2025 година, иако истите, согласно член 363 од Законот за облигационите односи, застаруваат во рок од три години, а за нив не биле поведени судски постапки за наплата.
И покрај тоа што бил должен во даночниот биланс за 2025 година да ја искаже даночната обврска, првопријавениот истото не го сторил, со што не пресметал, не пријавил и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10%, во износ од 3.094.617 денари.
Дополнително, првопријавениот книговодствено евидентираните дадени позајмици кон физички лица во износ од 14.254.665 денари, кои не биле вратени до крајот на годината, не ги евидентирал во даночниот биланс како непризнаени расходи за даночни цели во име и за сметка на второпријавеното правно лице, не ги пријавил и за истите не пресметал и не платил данок на добивка по даночна стапка од 10%, во износ од 1.425.467 денари.
Со наведените дејствија, пријавените не ги пресметале, не ги пријавиле и не ги уплатиле законски утврдените даночни обврски, со што го оштетиле Буџетот на Република Северна Македонија за вкупен износ од 4.520.084 денари.






