Трета џамија во села во Гостиварско и во Тетовско во последните две недели е ограбена вчера, а крадците овој пат влегле сред бел ден, ја обиле касата за донации и однеле пари, информира МВР.
„Вчера во 15:30 часот во Полициското одделение Теарце било пријавено дека во периодот од 12:00 до 15:00 часот непознати сторители влегле во џамијата во село Слатино, Тетовско. Со употреба на сила и тврд предмет била отворена касата со доброволни прилози и биле одземени пари. Увид извршила екипа од СВР Тетово и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, пишува во полициското соопштение.
Три дена пред големиот муслимански празник Бајрам, крадци влегоа во џамија во гостиварското село Мердита, а некој ден претходно, во Врапчиште беше фатен 65-годишен човек, осомничен дека украл пари од џамија во селото.








