Конфликтот на Блискиот Исток не се смирува. Ден по најавата за намалување на воениот ангажман во Иран, американскиот претседател Доналд Трамп се закани со уништување на иранските електрани ако Ормускиот теснец не биде отворен во рок од 48 часа.
Доналд Трамп – претседател на САД
„Доколку Иран не го отвори целосно, без закана, Ормускиот теснец во рок од 48 часа од овој момент, САД ќе ги нападнат и ќе ги уништат нивните електрани, прво почнувајќи од најголемата!“.
Од официјален Техеран возвратија, одмаздата ќе биде жестока. Иран тврди дека теснецот е отворен за сите, освен за непријателите. Во меѓувреме, бројот на повредени во нападите врз израелските градови Арад и Димона се зголеми на 175. Израел најави одмазди за овие напади.
Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел
„Продолжуваме да се бориме против непријателот со решителност. Правејќи го тоа поинтензивно со нашиот американски пријател. Ќе продолжиме да го правиме тоа сè додека не ги постигнеме сите наши цели“.
Иран, пак, тврди дека воспоставил „ракетена доминација“ над небото на Израел.
Маџид Мусави – командант на Воздухопловните сили на Иранскиот корпус на револуционерната гарда
„Од овој момент, ја објавувам ракетната доминација на синовите на Иран над небото на окупираните територии. Тактиките и новите системи за лансирање што ќе се користат во следните бранови ќе ги изненадат американско-ционистичките команданти“.
Блокадата на теснецот ги ограничи глобалните залихи, предизвикувајќи пораст на цените на нафтата низ целиот свет и зголемување на трошоците за живот за стотици милиони луѓе.








