15.8 C
Skopje
9 November, 2025

Мапа

независен информативен портал
spot_img
HomeМакедонијаКои министри ќе ги опфати владината реконструкција, која ќе следува по Конгресот...

Кои министри ќе ги опфати владината реконструкција, која ќе следува по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ?

- Advertisement -spot_img

Откако првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити, беше избран за градоначалник на Чаир на изминативе локални избори, треба да се предложат негови наследници во Владата. Веќе е официјално познато дека нов вицепремиер ќе биде ексминистерот за здравство Беким Сали, додека ВЛЕН дополнително треба да го утврди новиот министер за екологија. Дали ќе бидат пополнети само овие позиции, или, пак, ќе се направи поширока владина реконструкција, која премиерот Христијан Мицкоски ја најави во пакет со темелна партиска реконструкција во периодот по претстојниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ?

Довчерашниот прв вицепремиер министер за екологија Изет Меџити, вчера и официјално го презеде мандатот како градоначалник на Чаир, што автоматски јавува потреба за пополнување на двете места што тој ги испразни во Владата.

Веќе е познато дека нов вицепремиер ќе биде Беким Сали, актуелен пратеник и поранешен министер за здравство, додека ВЛЕН дополнително треба да го утврди идниот министер за екологија.

– Како што има најавено Меџити, негов наследник на позицијата прв вицепремиер ќе биде Сали, додека за министер за животна средина и просторно планирање ќе биде назначен друг и за тоа допрва ќе се одлучува. Се уште нема конкретно име – изјави Дритон Сулејмани, портпарол на ВЛЕН.

Всушност, трансферот на Меџити од централната во локалната власт ја реактуелизира темата за владина реконструкција, која одамна ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски.

Имено, Мицкоски уште на самиот почеток на оваа 2025 година, т.е. во интервју дадено за МРТВ во јануари годинава во Вашингтон изјави дека можни се интервенции и освежувања во Владата, но не веднаш туку по завршување на локалните избори и редовниот изборен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во декември.

–Веќе 7 месеци се позади нас, може да направиме ретроспектива и анализа какви се почетните капацитети и перформанси на Владата. Секогаш може подобро, но ако треба да одговорам на прашањето далу сум задоволен – да, задоволен сум досега како функционира Владата имајќи во предвид што наследивме и со какци предизвици се соочивме.

Ќе повторам – секогаш може да биде подобро, се трудам и јас со својата работа да ги инспирирам колегите во Владата, бидејќи сепак сум прв човек таму. Ќе продолжам во таа насока. Не очекувам дека до локалните избори дека би имало било какви интервенции во самата Влада, а по локалните избори не очекува и редовниот партиски Конгрес.

Можеби, можеби било какви интервенции и освежувања во самата Влада би се случиле на почетокот на следната година, ќе зависат многу импути за да донесеме таква одлука и мислам дека тогаш многу работи ќе бидат појасни и на политички план, но и какви се перформансите на членовите на Владата.

Но, она што е сигурно е дека од 1 јануари 2026 секако ќе има голема и сеопфатна промена на структурата на ВМРО-ДПМНЕ како партија, бидејќи полека но сигурно е потребно дел од генерациите да се менуваат со нови, дел обавуваат државни функции, дел општински функци, вклучително и мене.

Бидејќи ако ја добијам поддршката од делегатите, според Статутот на партијата, после следниот Конгрес тоа е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Веќе од следниот Конгрес кој ќе се случи на крајот на годинава ВМРО-ДПМНЕ ќе има нов претседател – рече Мицкоски.

Неколку месеци подоцна, односно кон средината на годинава, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ повторно најави промени во структурите на партијата, како и реконструкција на Владата по завршување на локалните избори. Поточно, за време на отчетот за 4-годишното работење на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во август, тој изјави:

„Ние ќе се менуваме и надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните. Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. И затоа веднаш после изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите.

Веќе добро знаеме како може уште посилно и похрабро со зголемени потенцијали. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши или немарни, но на Владата секогаш и треба зголемен капацитет, уште посилно темпо за промените кои ги правиме. А, ние се наоѓаме на патот на промените, на патот на градење на промени и за прв пат после долго време на градење на заеднички успеси…“.

На иста линија, тој говореше и во едно од предизборните интервјуа. Тврдејќи дека по локалните нема да има предвремени парламентарни избори, Мицкоски на Канал 5 порача дека она што сигурно ќе се случи по изборите е одржување на партискиот изборен Конгрес во декември во Кавадарци, по што ќе следува голема реконструкција и во структурите на ВМРО-ДПМНЕ и во Владата.

-Ќе има големи промени во структурата на партијата и одредени промени во Владата и институциите. Откако ќе направам детална анализа ќе можам повеќе да кажам, зашто не е само да смените некого, туку тој што ќе го менувате треба да му најдете соодветна замена и треба да имате одредена доверба. И тој што ќе дојде треба да биде подобар – рече тој.

Оттука, премиерот Мицкоски подолг период наназад најавува дека по Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, кој треба да се одржи на почетокот на декември во Кавадарци, ќе има промени во ВМРО-ДПМНЕ и во Владата, меѓутоа не открива кого ќе опфатат овие кадровски промени.

Во меѓувреме, дел од медиумите објавија дека во конкуренција за нов министер за екологија е Недим Рама, кој му беше шеф на кабинет на Меџити, додека меѓу главните кандидати што може да ги опфати владината реконструкција наводно се министрите за образование и за правда, Весна Јаневска и Игор Филков.

Што се однесува до Филков, тој неодамна се најде во центарот на вниманието, кога беше мета на критика од страна на високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Антонијо Милошоски, кој истакна дека Филков има „слаби перформанси и слаб придонес во областа“.

Во однос на тоа жестоко реагираше Филков, кој го нарече Милошоски „кусурот на Груевски познат под прекарот џуџето од Небрегово“, по што ситуацијата се обиде да ја смири Мицкоски, велејќи дека двајцата имале лош ден, а Владата, како што рече, останува стабилна.

Во предизборно интервју за „Фокус“, пак, лидерот на ЗНАМ и кумановски градоначалник Максим Димитриевски, одговарајќи на прашањето дали во рамки на најавената реконструкција очекува да дојде во смена во некој од двата ресори што ги водат кадри на ЗНАМ – Филков во правда и Горан Минчев во јавна администрација, одговори:

„Целосно сме задоволни од работата на двајцата наши министри во Владата. И Филков и Минчев се носители на вистински реформи што ги спроведува Владата во два клучни ресори – правда и јавна администрација. Реформи, за кои во иднина ќе се почувствува зошто било неопходно сега да се спроведуваат.

Задоволни сме и од работењето на замениците министри. Оттука немам никакво стравување, ниту предрасуда во однос на најавената реконструкција од страна на премиерот. Тоа е негово суверено право да го направи и ние сме подготвени да соработуваме и по тоа прашање“.

Покрај тоа, одредени неофицијални информации одат во насока дека може да бидат променети некои од министрите во други ресори, но не само како резултат на (не) постигнатите резултати, туку и поради желба на самите министри или како резултат на партиска стратегија.

Добро упатени извори велат дека мали се шансите да дојде до промена на челните луѓе во најголем дел од водечките ресори, како финансии, внатрешни и надворешни работи, транспорт, одбрана, не чие чело се луѓе од доверба и блиски соработници на Мицкоски – Гордана Димитриеска-Кочоска, Панче Тошковски, Тимчо Муцунски, Александар Николоски, Владо Мисајловски.

Воедно, истите извори велат дека Мицкоски е задоволен и од работата на министрите за дигитална трансформација Стефан Андоновски, за локална самоуправа Златко Перински… Сепак, можно да дојде до одредени ротации, така што дел од споменатите министри да ги сменат ресорите.

Инаку, засега никој сигурно не може да каже кој министер ќе биде променет, а кој ќе биде префрлен на друга позиција во Владата, од причина што прво се чека да заврши партискиот конгрес, по што ќе следува целосна реконструкција на партиската структура, со избор на нови претседатели на ограноците. Дури потоа на ред треба да дојде владината реконструкција.

За потсетување, „Фокус“ неодамна објави дека двајца актуелни министри повеќе не се дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за министерката за енергетика Сања Божиновска и министерот за култура Зоран Љутков, кои на крајот на ланската 2024 година излегоа од партискиот ИК, но продолжија да ги вршат јавните функции.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img