Првото истражување на јавното мислење во Бугарија откако поранешниот претседател Румен Радев поднесе оставка и најави учество на превремените парламентарни избори покажува дека коалицијата околу него ќе победи на изборите, но ќе нема убедливо водство.
Доколку изборите се одржат сега, коалицијата околу Румен Радев би добила 25,6 отсто од гласовите на оние кои одговориле дека ќе гласаат. На второ место е ГЕРБ на Бојко Борисов, со 15,4 проценти, а на трето место е коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ со 12,5 отсто. Потоа следува партијата на Дељан Пеевски, ДПС – Нов почеток, која би добила 10,5 отсто од гласовите, па националистичката партија Преродба со 4,5 проценти.
Партиите што моментно се застапени во парламентот, БСП, АПС, МЕЧ и Величие, остануваат под бариерата од 4 проценти за влез во парламентот. Радев најави дека најдоцна до 4 март, тој и неговиот тим ќе поднесат коалиција за регистрација до Централната изборна комисија.
Румен Радев, Поранешен претседател на Бугарија – Нема време за создавање партија за учество на претстојните избори. Ќе учествуваме на овие избори како коалиција со други партии кои имаат редовна регистрација.
Инаку од Минхенската безбедносна конференција вршителката на должноста бугарската претседателка, Илијана Јотова изјави дека имаме загриженост дека Северна Македонија лобира за да го заобиколи првиот кластер, кој е најважен за човековите права, и се обидува да започне со другите поглавја, кои се многу поспецифични. Нема шанси Бугарија да се согласи на таква промена“, изјави Јотова и повторни дека без промена на уставот нема да има напредок кон Брисел.








