Во четиригодишниот градоначалнички мандат, Тони Коњановски реализираше голем број инфраструктурни и општествено значајни проекти, со кои, како што вели, Битола прерасна во „големо градилиште“.
Еден од најкапиталните зафати е новиот булевар на влезот од Прилепска страна – долг 1,3 километри, широк 27,5 метри и со пешачки и велосипедски ленти. Дополнително, реконструиран е и влезот од Охрид, заедно со мостот кој води кон градот.
Општината вложи и во изградбата на нов современ објект за Противпожарната единица, најстара на Балканот, со прва фаза од 52 милиони денари и втора фаза поддржана со грант од еден милион американски долари од Владата на САД.
Покрај булеварите, беа реконструирани и повеќе улици и кружни текови, меѓу кои „Крушевска Република“ и кружниот тек кај Ветеринарната станица. Изградени се и над 5 километри велосипедски патеки и тротоари, финансирани со општински средства.

На спортски план, стадионот „Петар Милошевски“ е обновен според европските стандарди – со нови седишта, тартан, семафор, ВИП ложа и нов терен. Инвестицијата надмина еден милион евра, од кои дел обезбеди Фудбалската федерација на Македонија. На 9 септември таму ќе се игра квалификациски натпревар Македонија – Италија (У-21).
Со унгарскиот кредит општината обезбеди околу 15 милиони евра, со што беа поддржани 16 проекти во 2024 година, а годинава дури 65.
Сериозни инвестиции имаше и во образованието: училиштето „Стив Наумов“ доби енергетски ефикасна фасада, реконструиран е системот за водовод и канализација, а обновени се повеќе од 50 километри улици.
Зелениот сегмент е засилен со новиот парк во Довлеџик, со спортски и рекреативни содржини и со проектот „ЕУ за чист воздух“, реализиран преку UNOPS. Дополнително, програмата „Сончеви училишта“ донесе фотоволтаици во шест основни и неколку средни училишта, што годишно штеди околу 17 илјади евра на сметки за струја.
Во делот на предучилишното згрижување, градинката во АРМ е при крај, со поставена столарија и дренажен систем, а наскоро се очекува и пуштање во употреба.
Централниот Широк Сокак доби нов амбиент со фасадно осветлување, кое жителите го опишуваат како „Битола како Виена“.
Културниот живот, пак, се зајакна со фестивалите „Зимска приказна“ и „Бит Фест“, кои донесоа богат календар настани и нова енергија во градот.
Градоначалникот Коњановски заклучува дека овие четири години биле период на интензивна работа со јасна цел: да се подобри квалитетот на животот, да се задржат младите и да се создаде модерна и убава Битола.









