Транспортерите најавија протести на 31 август пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје поради ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната. Транспортерите два часа ќе протестираат заедно со нивните колеги во Белград, Подгорица и во Сараево на еден ден пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разгледува токму нивниот проблем.
„Со цел уште еднаш да пратиме порака за проблемот со кој што се соочуваме и почнува пак да ескалира, односно си почесто возачите се запираат и дури додека им се бројат деновите буквално луѓето се ставаат во кафези да чекаат за да им кажат дали надминале некој ден или не надминале. Ако некој признал дека возачите вршат дејност во јануари, не ни е јасно дека по седум месеци не може да се најде преодно решение да се надмине проблемот“, вели Билјана Муратовска од асоцијацијата „Макам-транс“.
Во европските визнати стратегии, транспортерите се јасно дефинирани како лица што вршат професионална дејност. Министерот за транспорт и врски Александар Николоски изјави дека имаат целосно разбирање за транспортерите и се обидуваат во рамки на можностите да најдат решенија.
„Се работи за правила во Шенген зоната, а она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген зоната. Тоа веќе го правиме и веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме и на договор со други земји“, изјави Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Николоски најави средба со австриската влада во септември, а со словенечката во октомври, а целта е да се потпишат билатерални договори со земјите каде што има најголема фреквенција на македонски транспортери.
„Гледаме генерално да ги покриеме рутите, каде што традиционално македонските транспортери најчесто одат. Со Швајцарија веќе има договор, со Хрватска има договор, со Романија има договор. Како што кажав, следни за разговор се Австрија и Словенија, и исто така работиме и со Германија”, додаде Николоски.
На транспортерите им е дозволен максимален престој од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната.






