Обидот на грчките власти да воведат напреден систем за сообраќајна контрола со помош на вештачка интелигенција наиде на сериозни проблеми, откако илјадници автоматски издадени казни се покажале како неточни.
Во текот на април и мај, тест-системот поставен во Атина генерирал околу 13.000 прекршочни налози, но по детална проверка од страна на полицијата, само околу 400 биле потврдени како основани.
Од вкупно 5.500 анализирани случаи, дури 5.100 биле отфрлени поради грешки во препознавањето на прекршоците. Голем дел од спорните налози се однесувале на наводно користење мобилен телефон и неносење сигурносен појас.
Системот често правел погрешни проценки и регистрирал прекршоци кои воопшто не постоеле.
Според анализите, камерите во повеќе наврати погрешно ги препознавале електронските цигари како мобилни телефони. Дополнително, одредени движења на рацете на возачите биле толкувани како разговор на телефон, иако тоа не било случај.
Сенките во возилата, темната облека и одразите од стаклата дополнително го збунувале системот.
Еден од најнеобичните пропусти биле случаите кога камерите регистрирале патници кои воопшто не постоеле. Во такви ситуации автоматски биле издавани казни поради наводно неврзани сигурносни појаси на празни седишта.
Во други случаи, темна маица на возачот била погрешно интерпретирана како отсуство на сигурносен појас, па системот автоматски регистрирал прекршок.
Еден од главните недостатоци на системот е неможноста да ја разбере конкретната ситуација на патот. Вештачката интелигенција не може да процени дали возачот навлегол во посебна лента за да пропушти возило на брза помош или постапил според инструкции од сообраќајната полиција.
Поради тоа, дел од регистрираните прекршоци мора рачно да се проверуваат пред да бидат испратени до граѓаните.








