На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, вештакот Милан Ристески кажа дека во медицинската документација се пронајдени сериозни отстапувања и неправилности при изборот на терапиите.
Ристески додаде дека се проверени дури 33.000 преписи на скапа терапија, при што кај 12 пациенти лековите биле давани спротивно на медицинските индикации, односно без никаква корист и на директна штета на болните.
„Има пациенти што требало да добијат ’пембролизумаб‘, а не добиле, особено во групата со рак на бубрегот. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата“, истакна Ристески.
Адвокатите на обвинетите сметаат дека Ристески не може да дава стручна оценка за лекари со децениско искуство и го обвинија за судир на интереси бидејќи бил ангажиран и како вештак и како сведок. Судењето продолжува на 31 март.
Инаку истрагата за случајот „Онкологија“ е отворена по медиумските написи за злоупотреби во лекувањето на пациентите болни од канцер, а меѓудругото беше објавено и дека скапа биолошка терапија завршувала на „црн“ пазар во Косово.
Информациите предизвикаа остри реакции во јавноста, но и протести пред Владата и Јавното обвинителство.








