Продолжуваат нападите во Газа. Израелската армија објави дека веќе контролира 40 проценти од територијата на градот и најави интензивирана воена офанзива во наредните денови. Израел планира да го презеде најнаселениот град во појасот, дом на милион луѓе, од кои многумина повеќепати се раселени.
„Продолжуваме да ја напаѓаме инфраструктурата на Хамас. Моментално, држиме 40 проценти од површината на градот Газа. Операцијата ќе продолжи да се шири и интензивира во наредните денови“, изјави Ефи Дефрин, портпаролот на израелската војска.
Преку видео, Израел го потврди убиството на портпаролот на вооруженото крило на Хамас. Додека Палестинците известуваат за десетици жртви и повредени, УНИЦЕФ со предупредување – заканата од глад се продлабочува, децата мора да бидат заштитени.
„Светот предупредува на катастрофа за речиси еден милион луѓе кои се наоѓаат во градот газа, доколку се интензивира воената офанзива. Ескалацијата е во тек. Неухранетоста и гладта ги ослабнуваат децата, раселувањето им ги одзема домот и грижата, а бомбардирањата го загрозуваат секое нивно движење“, изјави Тес Инграм, портпаролка на УНИЦЕФ.
Инграм повика Израел да ги ревидира правилата за водење на борбите за да се овозможи хуманитарен пристап, но, побара и Хамас да ги ослободи сите заложници кои веќе 700 дена се во заробеништво.
Семејствата на киднапираните со транспарент му упатија порака на Трамп – „Сакате да ги спасите? Спасете ги! Не зборувајте!“
САД воведоа санкции за палестински граѓански организации што се залагаат да се прогласи геноцид во Газа. Санкциите доаѓаат неколку дена откако најголемото академско здружение на научници за геноцид во светот, усвои резолуција во која се вели дека се исполнети законските критериуми за да се утврди дека Израел врши геноцид во Газа.
Катерина Бојаџиева









