Еве не повторно во периодот на откуп на тутунот — како што почна, така некако и ќе заврши.
Дали тутунарите се задоволни од постигнатата цена?
Тоа секој најдобро си го знае сам. Но, кога секој ќе го направи својот домашен есап — колку вложил, а колку му останало — верувам дека малкумина ќе имаат вистинска причина за задоволство. Она што во моментов е најважно за тутунарите е следното: Пред нас се празнични денови, а месец јануари ќе помине „додека да трепнеш“. Потоа, како и секоја година, откупните компании ќе започнат да нудат договори за новата производна реколта. Токму поради тоа, додека сè уште не сме „опиени“ од празничната атмосфера, го повикуваме актуелниот Сојуз на тутунари — легитимен или нелегитимен, легален или нелегален, избран или „само избран“, партиски или непартиски, стручен или нестручен, каков и да е — ТОЈ Е!
И затоа: ВЕДНАШ! Како што и самиот претседател на Сојузот јавно изјавува дека ја има поддршката од ресорниот министер, уште еднаш потенцираме — ВЕДНАШ да иницира средби и да предложи измени на Законот за тутун, кои мора да стапат во сила пред почетокот на новата производна реколта.
Се надеваме дека Сојузот добро знае какви измени му се неопходни на актуелниот Закон за тутун, со цел тутунарите конечно да учествуваат во формирањето на цената на тутунот на рамноправна основа со откупните компании.
Особено важно е во законот прецизно да се дефинира:
– начинот на формирање на цената на ретки суровини, каква што е тутунот;
-факторите кои мора да се земат предвид при вреднувањето на еден ваков бренд каков што е македонскиот тутун;
-неговата реална вредност на светскиот пазар.
Исто така, неопходно е да се отстранат сите недоречености во Правилникот за квалитативна и квантитативна проценка на тутунот, особено во делот на проценката и одбитоците. Мора да се стави крај на сите нејаснотии и нелогичности, со цел конечно да се спречи просторот за манипулации — како од страна на откупувачите, така и од страна на државата.
Сојузот е должен да ги штити, брани и унапредува правата на тутунарите — токму на тие производители од кои, впрочем и е финансиран.
Доколку Сојузот не се огласи по ова наше барање, наша обврска ќе биде да формираме Иницијативен одбор и да побараме поддршка од здруженија и граѓански активисти кои делуваат во оваа област. Заеднички ќе ги актуелизираме овие барања, а не е исклучено да побараме и поддршка од политичките партии — било од власта или од опозицијата — кои ќе покажат искрена волја овој проблем, што директно засега околу 20–25 илјади семејства производители на тутун, конечно да се реши на начин каков што заслужуваат. Нема повеќе да дозволиме откупувачите, со помош на државата, да си поигруваат со трудот и маката на тутунарите.
Македонскиот тутун е ексклузивна суровина. И како таква — секој што сака да ја купи, мора достоинствено и реално да ја плати.
Со почит тутунски здруженија
Жолто тутунското злато
Тутунари земјоделци
Тутунски земјоделци







