На денешната 4-та седница на Советот на Општина Битола се најде точка на дневен ред со која требаше да се донесат заклучоци против, како што беше наведено, дезинформациите за наводно формирање мигрантски кампови во градот.
Во предложените заклучоци јасно се посочува дека на територијата на општина Битола нема, ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или какви било трајни форми на сместување мигранти.
Сепак, при гласањето, советниците на СДСМ и граѓанската иницијатива „Поинаку“ не гласаа за усвојување на заклучоците, со образложение дека оваа тема, според нив, не требало да биде предмет на дискусија во Советот.
Како што посочува Мартин Ивановски, ваквиот став е контрадикторен, имајќи предвид дека само неколку недели претходно истите советници иницирале собирање потписи за свикување вонредна седница, токму со цел да се отвори расправа за истото прашање поврзано со мигрантите.
Ивановски оценува дека со негласањето за заклучоците, советниците на СДСМ и „Поинаку“ практично одбиле јасно да се изјаснат против дезинформациите, иако, како што наведува, заклучоците не содржеле политички пораки, туку фактичка состојба и институционален став дека мигрантски кампови во Битола нема и нема да има.
Темата за мигрантите изминатиот период предизвика силни реакции во јавноста, а од локалната самоуправа повеќепати беше потенцирано дека не постојат никакви планови или договори за отворање прифатни центри или кампови во Битола.







