Градот Скопје со денови се соочува со сериозна еколошка криза. Целиот град е затрупан со отпад, што веќе не е само хигиенски, туку здравствен и епидемиолошки проблем.
Општините се мобилизираат за итно решавање на кризата со сметот во Скопје. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски одржа итен состанок на Штабот за заштита и спасување, каде што се донесени неколку одлуки за справување со кризата со сметот во центарот на градот. По средбата е најавена итна дератизација и дезинфекција во училиштата и градинките, којашто ќе се спроведе викендов.
Градот Скопје со денови се соочува со сериозна еколошка криза. Целиот град е затрупан со отпад,што веќе не е само хигиенски, туку здравствен и епидемиолошки проблем.
Герасимовски вели дека состојбата е крајно алармантна, поради што ќе бидат мобилизирани сите служби и ресурси во општината и на ЈП Паркинзи на Општина центар (ПОЦ).
Планот е да се поставуваат помали контејнери за секојдневен отпад во густо населените делови и поголеми контејнери за кабаст отпад на стратешки локации.
„ЈП ‘ПОЦ’ организира посебни пунктови и распоред за собирање на угостителски отпад. Камиончињата ќе го растовараат сметот на плац на општествено одговорна фирма која ни излезе во пресрет, а потоа со големи камиони ќе оди кон Дрисла. Со ова очекуваме да го забрзаме целиот процес“, најави Герасимовски.
По појавата на стаорци во градот, во тек е и вонредна дератизација. Во 1.980 шахти се фрла сертифициран препарат, но потребно е да се спроведе дератизација и во сите згради.
„Организираме средба со сите управители на згради и куќни совети. На секое домаќинство ќе му бидат доделени големи, бесплатни кеси за отпад кои добро се затвораат и потешко се кинат. Секој влез ќе биде задолжен да направи дератизација“, вели градоначалникот на Општина Центар.
Засилена дератизација и дезинфекција ќе се спроведе на сите јавни површини, паркови и подрумски простории.
Општинската инспекција ќе биде постојано на терен, со задача да врши контрола на несовесно фрлање на ѓубре од градилишта, дуќани и фирми. Казните ќе бидат ригорозни за секое несовесно однесување.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, вели дека нефункционалноста на ЈП ‘Комунална хигиена’ не смее да го загрози здравјето на народот“. Тој најави дека за неколку дена, по преземањето на функцијата градоначалник, хаосот со отпадот ќе биде минато.
Во меѓувреме и другите градоначалници преземаат мерки за расчистување на сметот во своите општини.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на Фејсбук повторно обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се амнестира за состојбата за работата на ЈП Комунална хигиена – Скопје.
„Сите знаат дека за ѓубрето сте вие виновни и дека овој хаос го предизвикувате со намера“, порача таа на социјалните мрежи.
Хаосот со ѓубрето во главниот град ескалираше во екот на изборната кампања за локалните избори. Епидемиолозите предупредуваат дека ситуацијата е алармантна. Глувците и стаорците коишто се појавија во голем број, се преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус и бубонска чума.






