Во Унгарија започнува нова политичка ера по историскиот пораз на долгогодишниот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес на парламентарните избори, каде убедлива победа оствари опозициската Тиса предводена од Петер Маѓар, со што земјата влегува во период на значаен политички и институционален пресврт, јавуваат повеќе меѓународни и регионални медиуми.
Според речиси целосно обработените резултати, Тиса освоила стабилно мнозинство во парламентот, што ѝ овозможува да формира влада и да започне најавени реформи во правосудството, медиумите и односите со Европската Унија. Излезноста на изборите била висока, што аналитичарите го толкуваат како јасен сигнал за силна мобилизација на гласачите и желба за политичка промена.
По изборниот резултат, Орбан ја признал победата на опозицијата, додека Петер Маѓар во своето обраќање истакнал дека граѓаните „отвораат ново поглавје“ и дека Унгарија треба да ја врати институционалната рамнотежа и односите со Брисел. Европските лидери веднаш реагираа позитивно, оценувајќи дека резултатот претставува враќање на земјата кон европските демократски стандарди.
Победата на Петер Маѓар и неговата партија Тиса на парламентарните избори во Унгарија претставува сериозна пресвртница по 16 години власт на Виктор Орбан, отворајќи нова политичка ера со директно влијание врз односите на државата со Европската унија и Русија.
Во Брисел имаат големи очекувања од него, но аналитичари предупредуваат дека ЕУ може да добие „шамар“, затоа што Маѓар во некои прашања има слични ставови со Орбан, а во однос на политиката за миграцијата е многу поостар.
Во однос на Украина, исто така ставовите на Маѓар се слични со оние на Орбан, и тој не поддржува испраќање оружје и брз влез во ЕУ.








