Во рамки на работната посета на Берн, Швајцарска Конфедерација, претседателот на Собранието, Африм Гаши, заедно со парламентарната делегација, оствари средби со претседателот на Сојузниот парламент на Швајцарската Конфедерација, Пјер-Андре Паж, како и со раководството на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).
„На средбата со претседателот Паж беше изразено заедничко задоволство од одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете земји, како и подготвеност за нивно натамошно унапредување. Соговорниците ја истакнаа важноста од интензивирање на меѓупарламентарната соработка преку размена на искуства, идеи и добри практики, со цел зајакнување на парламентарните капацитети и демократските процеси. Претседателот Гаши ја нагласи значајната и континуирана поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на Република Северна Македонија во реформските и евроинтегративните процеси“, соопшти собраниската прес – служба.
На средбата со раководството на SDC, на која од швајцарска страна присуствуваа амбасадорот Кристијан Фрутигер, помошник-генералниот директор и раководител на Одделот за тематска соработка, и Северин Донет-Дескарт, раководител на Секторот за Источна Европа, била потенцирана долгогодишната и значајна швајцарска поддршка за демократскиот развој, институционалното јакнење и реформските процеси во Република Северна Македонија.
Посебен акцент во разговорите бил ставен на Програмата за парламентарна поддршка (PSP), имплементиран од НДИ, која била оценета како исклучително важен сегмент од стратешкото партнерство меѓу Собранието и Швајцарската Конфедерација. Истакнат бил придонесот на програмата во развојот на Парламентарниот институт, зајакнувањето на административните и истражувачките капацитети, унапредувањето на транспарентноста и отчетноста на Собранието, како и поддршката на процесите на дигитализација и модернизација на парламентарното работење.
Соговорниците ја потврдиле заедничката подготвеност за натамошно продлабочување на соработката и продолжување на партнерството во насока на зајакнување на демократските стандарди и институционалните капацитети.








