Во Општина Аеродром нема утврдени жаришта на комарци, но локалната самоуправа во координација со здравствените институции и Град Скопје продолжува да презема мерки за заштита на населението, изјави денеска градоначалникот Дејан Митески.
– Жаришта нема утврдено, меѓутоа има заболени на територијата на Општина Аеродром и претпоставувам дека се поради контакт во некоја од контактните зони. Аеродром не е изолирана општина во Скопје со физички граници, така што лесно може да се пренесе од една во друга општина – истакна Митески.
Градоначалникот објасни дека Општината постапува во координација со Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје и Град Скопје и дека ги следи нивните препораки.
„Ги следиме нивните препораки, се изврши вонредно прскање против комарци, така што секој следен чекор ќе го правиме во координација и соработка со овие институции“, појасни градоначалникот.
На 12 август беше прогласена епидемија на западнонилска треска во општините Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден.






