Хрватските пензионери се меѓу оние во Европа чии пензии покриваат најмалку реални трошоци за живот, според анализата на DataPulse, глобална платформа за аналитички податоци.
Според споредбата, просечната пензија во Хрватска не успева да покрие околу 40 проценти од проценетите трошоци за живот на старите лица, што вклучува домување, храна, комунални услуги и други основни потреби.
Истражувањето насловено како „Дали пензиите ќе го покријат мојот живот во пензија? Годишни трошоци наспроти државни пензии во Европа“ покажува дека повеќето земји имаат проблем со недоволни пензии. Бидејќи трошоците значително го надминуваат износот на пензиите, пензионерите мора да бараат дополнителна финансиска поддршка, преку заштеди, семејство или дополнителни извори на приход. Само во четири земји, Романија, Чешка, Полска и Шпанија, пензионерите можат да бидат задоволни бидејќи успеваат да ги покријат поголемиот дел од своите трошоци без дополнителни приходи.
Сепак, оваа споредба води до заклучок дека романските пензионери, гледано преку односот помеѓу пензијата и трошоците за живот, се релативно најбогати во Европа. Нивната пензија ги надминува нивните трошоци за 21 процент. Зад таков резултат веројатно стои фактот дека трошоците за живот во таа земја се значително пониски отколку во повеќето други европски земји, а државните пензии се доволно големи за да ги покријат потребните трошоци. Затоа пензионерите таму, иако апсолутно не добиваат големи износи, според овој индикатор „изгледаат“ релативно богати, пренесува Б92.









