домаМакедонијаХроника на затруена Македонија – 17 случаи за 24 месеци: Што јадеме...

Хроника на затруена Македонија – 17 случаи за 24 месеци: Што јадеме и пиеме, во што се бањаме?

- Advertisement -spot_img

За две години најмалку 17 еколошки и здравствени инциденти ги изложија граѓаните на загадена вода, отровен воздух или небезбедна храна. Заедничкиот именител не е само загадувањето, туку институциите кои секојпат ветуваат истрага, а речиси никогаш не испорачуваат системски промени.

За само 24 месеци, најмалку 17 случаи на загадена вода, загаден воздух, еколошки хаварии и масовни труења со храна директно го загрозија здравјето на граѓаните во различни делови на Македонија.

Не станува збор за мали или големо, туку за низа катастрофи кои се повторуваат толку често што почнуваме да ги доживуваме како нормална состојба.

По секој случај следува истото сценарио: инспекции, земени примероци, лабораториски анализи, обвинителски предистражни постапки и ветувања дека ќе се утврди одговорноста.

Но, кога ќе се погледне сликата во целина, се поставува едно непријатно прашање: дали Македонија има проблем со загадувањето – или со институциите што не успеваат да го спречат?

Хронологија на случаи (2024–2026)
Р.б. Датум Локација Категорија Засегнати граѓани Реакција / епилог
1 Јул. 2024 – Јул. 2026 Велес – езеро „Младост“ 💧 Езеро Жители, риболовци, посетители Предупредувања; без трајно решение
2 Јул. 2024 – Јул. 2026 Скопје 🌫 Воздух Целото население Инспекции; без системско решение
3 14.03.2025 Крива Паланка 🌊 Река Население по течението Казна и обвинителска постапка
4 18.06.2025 Велес – Тополка 🌊 Река Риболовци и екосистем Пријавено до институциите
5 2025 Дојран, Тиквеш, Берово 💧 Езера Локално население Потврдена загаденост; без санација
6 2025 Преспанско Езеро 💧 Езеро Жители, земјоделци, рибари Аларми; без трајна санација
7 11.09.2025 Куманово 🍽 Храна 6 лица Епидемиолошка истрага
8 13–17.09.2025 Трубарево 🌫 Воздух Жители; 4 повредени Тешки метали; без радиоактивност
9 26.11.2025 Скопје 🍽 Храна Ученици Кујната затворена; мостри
10 07.02–05.03.2026 Струга 🚰 Вода 50.000 жители Истрага; забраната укината
11 24.03.2026 Битола – РЕК 🍽 Храна 191 работник Потврдена салмонела
12 25.06–16.07.2026 Гостивар 🚰 Вода Цел град Забрана; истрага
13 07.07.2026 Прилеп 🍽 Храна 44 работници Потврдена салмонела
14 околу 09.07.2026 Штип 🍽 Храна 6 лица Без патогени; хигиенски мерки
15 17.07.2026 Велес 🍽 Храна 7 лица Уништена храна; санкции
16 20–23.07.2026 Крушево 🚰 Вода Цел град Пакувана вода; забрана
17 21–23.07.2026 Валандово 🚰 Вода Цел град Забрана; случајот под истрага
Оваа табела не е само статистика. Таа е доказ дека не се работи за изолирани инциденти.

Водата што ја пиеме – картата на срамот

Она што е заедничко за случаите Гостивар, Струга, Валандово, Крушево е: иста грешка, различен град.

Последните две години покажаа дека пристапот до безбедна вода во Македонија повеќе не може да се смета за нешто што се подразбира.

Во Гостивар илјадници граѓани се разболеа поради контаминирана вода, а епидемијата беше прогласена дури кога бројот на заболени веќе драматично растеше.

Во Струга анализите предупредуваа на зголемени концентрации на арсен и потреба од внимателно следење на квалитетот на водата.

Во Валандово се појавија сериозни сомнежи за микробиолошка неисправност, додека во Крушево граѓаните повторно се соочија со проблеми со заматена вода и ограничувања во користењето.

Секоја општина има различен водовод, различен градоначалник и различни локални околности.

Но, институционалната реакција секогаш изгледа исто.

Во иста недела од јули 2026 година, три македонски градови практично немаа сигурност дека водата од чешма е безбедна за пиење.

Тоа веќе не е локален проблем. Тоа е системска слабост.

Жртви се и реките и езерата – Крива Река, Тополка, Велешко Езеро – природата плаќа прва

Кога ќе се случи еколошка хаварија, први страдаат реките.

Последните две години јавноста беше сведок на загадувањето на Крива Река, инциденти во сливот на Тополка, како и алармантната состојба во Велешкото Езеро, каде што загадувањето и неконтролираното испуштање отпадни води со години создаваат услови за еколошка деградација.

Следува истата институционална процедура: инспекција, записник, анализа.

Но, многу поретко следуваат санкции што ќе бидат сразмерни со направената штета.

Во меѓувреме, природата нема механизам за жалба.

Таа само продолжува да ги трпи последиците.

Отровниот воздух ни стана навика

Скопје секоја зима на списокот на светскиот срам, а во Македонија загадениот воздух одамна престана да биде вонредна состојба.

Тој стана сезонска програма.

Секоја есен и секоја зима јавноста повторно ги следи истите мапи на загадување, истите предупредувања од лекарите и истите објаснувања дека временските услови се виновни.

Но, временските услови не ги палат дивите депонии.

Не ја контролираат индустриската емисија.

Не дозволуваат неконтролирано согорување отпад.

Трубарево стана симбол на систем кој реагира дури кога чадот веќе е видлив.

Скопје не е загаден еднаш годишно. Скопје е загаден секоја година, сè повеќе месеци, поради истите причини и со истите институционални оправдувања.

Труења во училишни кујни и фабрички мензи

Масовното труење на 191 работник беше најголемиот случај во последниот период.

Но, не беше единствениот.

Во Прилеп, Битола, Штип, Куманово и Велес беа регистрирани случаи на труење со храна, сомнежи за салмонела, нехигиенски услови и неправилно чување или подготовка на оброците.

По секој случај институциите информираат дека лабораториските анализи се во тек.

Додека се чекаат резултатите, јавноста веќе преминува на следната тема.

А причините често остануваат недоволно разјаснети или никогаш не доведуваат до суштински промени во системот на контрола.

Помеѓу пријавата и потврдата на причинителот минуваат недели. Храната одамна е изедена, а последиците веќе се почувствувани.

Не се работи за поединечни случаи, туку за систем

Најопасното во сите овие случаи не е тоа што се случиле. Најопасно е што изгледаат речиси идентично.

Секојпат институциите ветуваат темелна истрага. Секојпат јавноста бара одговорност.

Секојпат се отвора прашањето дали ова ќе биде последниот ваков случај.

Две години подоцна, одговорот е очигледен.

Секој случај имаше „истрага“. Ниту еден случај не донесе системска реформа.

Следниот случај можеби веќе се случува додека го читате овој текст.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img