Грчките власти воведуваат нова мерка за справување со ширењето на инвазивната морска риба Lagocephalus sceleratus, вид кој се смета за опасен поради својата токсичност и влијанието врз морскиот екосистем.
Како дел од новата иницијатива, рибарите во јужниот дел на Егејското Море и околу островот Крит ќе добиваат финансиски надомест за секој килограм уловена риба. Предвидената субвенција ќе изнесува 5,33 евра за килограм, а програмата во првата фаза ќе има пилот карактер.
Целта е двојна – да се намали бројот на оваа риба во грчките води и истовремено да се помогне на рибарите кои имаат сè поголеми проблеми поради нејзиното присуство.
Овој вид, познат како риба-балон, не е погоден за исхрана бидејќи содржи силен токсин кој може да предизвика сериозни последици доколку се консумира. Дополнителен проблем за рибарите е тоа што со своите остри заби ги оштетува мрежите, јадиците и другата опрема.
Според грчките власти, рибата во Медитеранот се проширила преку Суецкиот канал и првпат била забележана кај Родос и Крит. Нејзиното ширење е поврзано и со зголемувањето на температурата на морската вода, бидејќи овој вид претпочита потопли услови.
Надлежните нагласуваат дека нема причина за паника кај туристите и капачите. Иако рибата претставува сериозен проблем за рибарството и биолошката рамнотежа, досега се регистрирани мал број инциденти со луѓе.
Министерството за земјоделство и храна на Грција соопшти дека мерката е дел од поширок пакет за поддршка на рибарскиот сектор, кој се соочува и со други предизвици – високите трошоци за гориво, климатските промени и промените во морскиот екосистем.По пр
имерот на Кипар, каде што рибарите добиваат пониска компензација за истиот вид, Грција воведува повисок надомест со надеж дека акцијата ќе помогне во контролирање на популацијата на инвазивната риба.
Доколку пилот-програмата покаже резултати, властите најавуваат можност таа во иднина да се прошири и на други грчки морски региони.








