Компанијата Google објави кратко промотивно видео со кое директно го предизвикува Apple поради неговото задоцнување со воведувањето на вештачката интелигенција во iPhone уредите.
Тизер-видеото насловено Pixel 10 | Soon (наскоро) трае 30 секунди и користи минималистички тон за да укаже дека Apple сè уште не ги испорачал функциите за вештачка интелигенција што ги најави уште во 2024 година со iPhone 16.
„Ако си купил телефон поради функција што ’наскоро‘ доаѓа, а потоа чекаш повеќе од една година – можеби е време да ја промениш дефиницијата за зборот ’наскоро’ … или телефонот“, порачува нараторот во видеото.

Во позадината на спотот се слуша инструменталната верзија на песната „The Next Episode“ од „Dr. Dre“, што многумина го гледаат како суптилна провокација, со оглед на тоа дека „Apple“ во 2014 година ја купи компанијата „Beats“, чиј еден од основачите беше „Dr. Dre“.
На крајот од тизерот стои слоганот „Ask more of your phone“ и датумот на следниот голем настан на „Google“: 20 август 2025 година, кога се очекува официјалната премиера на новата генерација на телефони „Pixel“.
Што донесува Pixel 10?
Се очекува „Google“ да претстави дури четири нови модели:
• Pixel 10
• Pixel 10 Pro
• Pixel 10 Pro XL
• Pixel 10 Pro Fold
Според претходните информации, сите модели ќе ја користат новата верзија на асистентот „Gemini AI“, кој веќе сега овозможува напредни функции базирани на вештачка интелигенција – за разлика од решението на „Apple“, кое сè уште се чека.
„Google“ очигледно ја користи можноста пред настанот „Made by Google“ да добие предност и дополнително да го промовира „Pixel 10“, истовремено потсетувајќи ги корисниците на „iPhone“ дека ветените функции сè уште не пристигнале.







