Вознемирувачки детали се појавуваат во јавноста за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, поранешен спортист кој на 21 октомври починал во психијатриската болница „Свети Иван“ во Загреб.
Според хрватски „Јутарњи лист“, снимките од надзорните камери откриваат шокантно постапување на медицинскиот персонал кон пациентот, кој бил врзан за болнички кревет.
На снимките, според објавените описи, се гледа како неколку медицински работници го држат пациентот, додека еден од нив му става перница преку главата. Перницата наводно била притискана со колено, а физичкото совладување траело повеќе од осум минути.

Особено вознемирувачки се наводите дека пациентот бил удиран во градниот кош дури и кога речиси престанал да се движи.
Според медиумските информации, еден од техничарите во одреден момент се смеел и разговарал со колегите, додека Периш лежел неподвижен.
Откако медицинскиот персонал ја отстранил перницата, било забележано дека пациентот е без свест. Следувале обиди за реанимација, но неговиот живот не бил спасен.

Прелиминарните обдукциски наоди покажале бројни повреди, скршени ребра и градна коска, како и отоци на белите дробови и мозокот. Конечната причина за смртта сè уште не е официјално утврдена.
Поради сомнение за тешко убиство, кривично се пријавени четворица медицински техничари, на кои им е определен едномесечен истражен притвор.
Истрагата продолжува, а снимките од надзорните камери се дел од доказниот материјал.







