Министерството за дигитална трансформација и Фондот за здравствено осигурување објавија воведување нови електронски услуги од областа на здравственото осигурување и техничко поврзување на ФЗОМ со Централниот регистар на население (ЦРН), со што се поедноставуваат постапките и се намалува административниот товар за граѓаните и бизнисите.
На денешната прес-конференција, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека целта на Министерството е јасна: „јавните услуги да бидат достапни, поврзани и ориентирани кон потребите на граѓаните и бизнисите.“
Министерот нагласи дека станува збор за услуги кои директно го поедноставуваат пристапот до важни документи, го намалуваат административниот товар и го елиминираат непотребното чекање и физичко присуство на шалтери.
За правните лица, за прв пат е овозможена електронска услуга за:
Издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување (целосно дигитално, достапно во секое време).
За физичките лица, воведени се следните е-услуги:
Потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување,
Потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес,
Потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.
„Овие услуги се само почеток на системска дигитална трансформација, а не изолирани технички решенија,“ порача министерот Андоновски.
Посебен акцент беше ставен на воведувањето на единствената најава.
„Корисниците на порталот на Фондот за здравствено осигурување автоматски се воведуваат во системот за единствена најава – SSO,“ рече Андоновски, додавајќи дека граѓаните добиваат можност со еден кориснички профил непречено да се движат и користат услуги на различни институционални портали, без повторно најавување и без дополнителни административни бариери.
Од денес, ФЗОМ е и технички поврзан со ЦРН, што овозможува автоматско преземање релевантни податоци за граѓаните. Министерот истакна дека преку ова поврзување, ФЗОМ во рамки на речиси 40 управни и деловни постапки користи податоци од ЦРН како единствен референтен извор со што се намалуваат грешките и потребата од рачно внесување податоци.
Ова поврзување, меѓу другото, се применува во постапки како: пријава и одјава на здравствено осигурување, утврдување својство на осигурено лице, боледување, бременост и раѓање, лекување во странство, двојазични обрасци, рефундации, потврди и други права и обврски во надлежност на ФЗОМ.








