Српски државјанин е уапсен во Скопје во координирана акција на македонската и српската полиција, под сомнение дека подготвувал тешко кривично дело, најверојатно ликвидација по налог на организирана криминална група.

Според информациите објавени од српските медиуми, повикувајќи се на српското МВР, станува збор за С.М. (42), кој бил пронајден во засолниште на територија на Скопје.
При претресот, полицијата открила пиштол „CZ“, муниција, воен нож, црна тактичка униформа, како и мала количина марихуана. Кај осомничениот била пронајдена и српска лична карта на друго лице.

Истражителите се сомневаат дека тој нелегално ја преминал границата и влегол во Македонија со однапред подготвена задача. Оперативните информации укажуваат дека лицето е поврзано со организирана криминална група.
Според првичните сознанија, осомничениот во Скопје подготвувал ликвидација, а во тек е истрага за утврдување на можната цел, како и на лицата кои му помагале за време на престојот во земјава.
Акцијата следувала по подолг период на размена на оперативни информации меѓу македонското и српското Министерство за внатрешни работи.








